Пановски: Ако се прошири јужноафриканскиот сој, и тие што прележале и тие што се вакцинирале ќе можат да заболат

Фото: Martin Sanchez на Unsplash

Ако се прошири јужноафриканскиот сој на коронавирус кај нас, залудно ќе ви биде што сте прележале ковид-19, а од друга страна, ниту некоја од сегашните вакцини може да ве спаси. Ова е ставот на проф. д-р Никола Пановски, по информациите дека битолчанец на возраст од 65 години кој престојувал во Занзибар, со позитивен тест е хоспитализиран во болницата во Струга. Додека се чека да се испита дали станува збор за јужноафриканскиот сој, Пановски предупредува дека населението мора да внимава како се однесува. Во меѓувреме, за Мета, директорот на струшката болница д-р Александар Попоски информира дека пациентот е стабилен иако имал акутно бубрежно оштетување.

„Ако се докаже дека го имаме јужноафриканскиот сој на коронавирус, секако дека треба да сме загрижени, бидејќи апсолутно не значи дека оние што прележале ковид-19, се спасени. Сега во моментов, не знаеме колкава територија ќе преземе овој сој. Ако британскиот повеќе се шири, тогаш нема да го пушти јужноафриканскиот да се прошири. А може да се прошири оној сој, што е позаразен од друг. Се надевам дека британскиот ќе остане доминантен. Треба да се молиме тоа да остане така. Бидејќи со јужноафриканскиов, залудно ви е што имате имунитет, залудно ви е ако сте прележале ковид. Ако се прошири тој, така потешко ќе се создаде колективен имунитет. Неефикасни против него се и сегашните вакцини. Ќе бидат потребни нови вакцини, односно ќе треба да се модифицираат сегашните за да бидат ефикасни. Во светот веќе и се прават некои модификации“, вели проф. Пановски.

Д-р Александар Попоски, директорот на болницата за нефрологија во Струга, за Мета информира дека утре ќе се прави испитување во МАНУ, па за неколку дена се очекува да се види дали станува збор за јужноафриканскиот сој.

„Мислам дека најдоцна до петок треба да се знае. Пациентот од Битола е дојден како ковид-позитивен. Тој првично не ни кажа дека бил во Африка. Тој има направено акутно бубрежно оштетување. Од 15 до 20 отсто, ковид-пациентите можат да развијат акутно бубрежно оштетување. Не е на дијазила засега, но ако има потреба, ќе биде поставен. Во однос на клиниката слика, нема разлика овој сој во однос на ковид симптомите, тие се сличи. Пациентот има покачени вредности, додека бил во Африка бил фебрилен неколку дена, но кај нас нема температура покачена. Има почетна бронхопневмонија, но генерално е стабилен“, вели директорот.

Извор: meta.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави