Почина Љубисав Иванов – Ѕинго

Во својата 84. година, почина Љубисав Иванов- Ѕинго, поранешен долгогодишен пратеник, градоначалник на Кратово и претседател на Социјалистичката партија. Ѕинго беше поранешен претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија во периодот од 1993-1999, долгогодишен истакнат фудбалски работник како и прв човек на ФК Силекс и почесен претседател на ФФМ.

Љубисав Иванов Ѕинго е роден на 8. ноември 1936 година во с. Трновац, Кратово. Завршил Рударско-геолошки факултет. Веше генерален директор на Рударско-геолошкиот комбинат СИЛЕКС Кратово, 40 години. Член и претседател на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ). Вкупното негово пратеничко искуство е 30 години – како пратеник во Сојузното собрание во поранешна СФРЈ, а од осамостојувањето на Република Македонија и пратеник во Собранието на РМ.

За претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија (ФСМ) беше избран на 7. февруари 1993 година. Под негово водство, Фудбалскиот сојуз на Македонија стана полноправен член на најважните фудбалски организации, ФИФА и УЕФА. Како претседател на ФСМ ја предводеше македонската делегација и нашиот национален состав на првиот официјален натпревар на А репрезентацијата на Македонија во Крањ, Словенија во 1993 година.

Total
0
Shares
Поврзани објави