Почина Мите Грозданов, бардот на македонското глумиште

Почина еден од бардовите на македонското глумиште, Мите Грозданов.
Тој е роден во Струмица, на 14 декември, 1943 година.
Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 год. се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена сѐ до пензионирањето во 2008 година.

Случајот сакаше така што токму нему му се посреќи на самиот почеток да се вивне во уметничките височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот сараевски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Митрон. Помеѓу оваа претстава и „Историската хроника“, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами, но и поетски збирки, приватниот театар Македонија, а на крајот секако не помалку значајно за неговата кариера и творечко кредо тука се подразбира и неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професија на актер.

Мозаикот на неговите ангажмани уште подразбира и стотици радиодрами, режии (во професионални и аматерски ансамбли), настапи на телевизиски драми и серии, како и неколку филмски улоги. Во сите овие форми на театарското изразување до израз доаѓа неговата нескротлива енергија, неисцрпна и фасцинантна концентрација, моќ за трансформација.

Грозданов има добиено бројни награди.

За монодрамата по стихови на Ацо Шопов, Дрво на ридот , тој станува добитник на Сребрената медалја на фестивалот на монодрама и пантомима во Земун. Од неговите награди да ги споменеме и оние на весникот односно ревијата Млад борец и Екран. Но, иако досега неколку пати е номиниран и предложен за наградите 13 Ноември и 11 Октомври, тој не успеа да се закити со нив.

Total
0
Shares
Поврзани објави