Последните десет тони опасен отпад од ОХИС чекаат дозвола за транспорт и уништување во Франција

Опасните хемикалии кои со години беа складирани во резервоари, цистерни, буриња, челични боци и друга амбалажа на отворен и затворен простор во дворот и објектите на ОХИС и претставуваа потенцијална опасност по здравјето на луѓето и животната средина, успешно се отстрануваат и носат во странство на уништување.

Oстанува наскоро да се најде чаре и за последните околу 10 тони опасни материи кои што се спакувани и од март годинава лежат во магацин и чекаат договорен транспорт за да бидат уништени во печка (инселератор) во Лион, Франција. Во тек е процедурата за вадење на нова дозвола за меѓународен транспорт на опасни хемикалии.

Станува збор за повеќе десетици тони опасен отпад кои што беа препратени во печки за согорување во Германија и Швајцарија од страна на фирмата Екоцентар 97“ која минатата година беше избрана од доверителите на АД ОХИС во стечај да ги препакува и безбедно да ги изнесе од нашата земја хемикалиите кои останаа заробени во кругот на овој поранешен гигант по неговото затворање.

Досега се отстранети околу 80 тони најразлични токсични хемикалии, како акрило нитрил мономер, метанол, метил акрилат, винил хлорид, хлор, перкадокс и други хемикалии со непознат состав.

Во тек е процедурата за вадење на нова дозвола за меѓународен транспорт на опасни хемикалии откако на претходната и истече важноста по што и овие количини ќе бидат извезени за уништување, со што „Екоцентар 97“ за година ипол комплетно ќе го реализира проектот што го презеде за безбедно отстранување на хемиските материи од ОХИС.

Постапката на чистење на ОХИС од хемикалиите почна лани, во април, кога беа реализирани четири од петте планирани извози на хлор кој се наоѓаше во 81 боца и еден контејнер од 2,5 тони. На оваа постапка и претходеше санирање на садовите под притисок со хлор во Србија, каде специјализирана фирма ги поправи оштетените вентили, а потоа откако хемикалијата беше неутрализирана, а садовите исчистени од хлорот, истите беа вратени во ОХИС и потоа извезени надвор од земјава.

Линданот е токсична канцерогена супстанција која го загадува воздухот, почвите и подземните води во Скопје. Во светот е забранет за користење од 2006 година, ставен и на листата Перзистентни органски супстанции според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.

извор: Вечер.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави