Рекорден пад на цените на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 14,54% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 09.03.2020 година.

Нарушениот баланс на понудата и побарувачката со нафта и нафтени производи во светот поради корона вирусот предизвика тренд на намалување на берзанските цени на суровата нафта и на готовите нафтени производи што се одразува врз формирањето на цените и кај нас – посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски.

-Во овие шеснаесет години откога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги утврдува највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати, денешната одлука носи рекорден пад на цените на нафтените деривати. Корона вирусот ги урна берзите и се одрази со силен ефект, кој е поголем дури и од оној во есента 2008 година кога имаше нафтена криза. Сакам да потенцирам дека малопродажните цени на горивата се на најниско ниво во нашата држава во споредба со сите останати земји во регионот. Ова е уште една потврда дека РКЕ има Методологија која е ориентирана кон интересот на крајните потрошувачи, водејќи сметка и за елементите кои влегуваат во структурата на малопродажната цена на нафтените деривати, изјави Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Од 17.03.2020 година, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 7,50 денари/литар и ќе изнесуваат 54,50 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-95, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 56,50 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 6,00 денари/литар и од вечерва на полноќ малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 48,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 37,50 ден/лит. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 6,961 ден/кг и ќе изнесува 21,934 ден/кг.

Во однос на препораката што РКЕ ја упати до компаниите кои што се вршители на енергетски дејности, како и на јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, поради состојбата со Covid-19 да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и вода поради неплатени сметки, Регулаторна информира дека препораката наиде на позитивен одзив кај компаниите.

Total
0
Shares
Поврзани објави