Семејството на Гоце денеска ќе поднесе претставка пред Кривичниот суд

Семејството на трагично загинатиот Гоце Димитриевски, кој пред две години беше удрен од џип, а сторителот доби само условна казна, денеска се очекува да поднесе претставка до надлежниот суд во врска со оваа пресуда, која ја дигна на нозе јавноста во земјава.

Сопругата на Гоце, Наташа Апостолоска- Димитровска, која и самата била повредена во сообраќајката, а го изгуби и плодот, најави дека правдата ќе продолжи да ја бара низ судските процедури.

Таа рече дека има низа забелешки и за тоа како се водел целиот судски процес.

„Пропуст има уште во СВР Скопје кога го прават записникот. Наведено во записникот е дека моторот не бил регистриран. Си беше регистриран, Гоце си имаше положено за соодветна категорија, двајцата си носевме заштитна опрема, наместо тоа обвинителството да го истражи…, таа борба со СВР Скопје ја водев сама, потоа документи во однос на плодот, исто сама си водев. На крајот обвинителот само дојде за да си води, и да не најде време да слушне пресуда“, изјави Димитриевска.

А деновиве реагираше и таткото на загинатиот Гоце. Тој очекува дека ќе биде поништена оваа скандаозна одлука и не ни помислува правдата да ја земе во свои раце. 

Денеска се очекува нешто повеќе да каже на оваа тема и претседателот на Кривичниот суд Скопје, Иван Џолев, која за време на викендот побара време да собере информации, па потоа да се произнесе за случајот.

А дали ќе се појави во јавноста со свој став и судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, која всушност и ја изрече пресудата, останува да се види. Таа нема свој профил на фејсбук или на другите социјални мрежи, и досега никој ја нема слушнато нејзината страна на приказната.

Досега јавноста не го слушна ставот ниту на Васил Ч., бизнисмен од Тетово, кој всушност е сторителот на ова дело.

За спорната пресуда за сообраќајката која се случи пред две години кај Млечен ресторан јавноста дозна откако сопругата на Гоце Димитриевски, Наташа, излезе со жестока реакција на социјалните мрежи.

Total
0
Shares
Поврзани објави