СОНК бара повисоки октомвриски плати за одделенските наставници

Синдикатот за образование најави тужби до директори на училишта што нема да им ги покачат октомвриските плати на наставниците поради зголемениот обем на работа.

„Добро е наставниците кои имаат зголемен обем на работа писмено да се обратат до директорот на училиштето и со тоа да ги бараат нивните права“ препорача претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Синдикатот објаснува дека учениците од прво до трето одделение кои учат со физичко присуство, во поголемите училишта се поделени во две групи, а  најчесто целиот товар паѓа само на еден наставник.

Тие бараат од директорите да го почитуваат колективниот договор и во наредните месеци да вклучуваат асистенти во наставата.

„Постои можност тутори, односно студенти, своето теоретско образование да го надоградуваат со практична настава, во овој случај да помагаат на наставниците односно да работат согласно програмата која што ќе ја изработи наставникот и да ја дополнуваат работата во втората група“, истакна Неделков.

Освен тоа, тој побара да им дозволат наставниците кои сакаат, да работат од дома, посебно оние со хронични болести, бидејќи голем дел од нив, патуваат со јавен превоз и дополнително се изложуваат на ризик.

Total
0
Shares
Поврзани објави