Сопругата на Гоце поднесе претставка против судијката Јосифовска

Судскиот совет ги доби забелешките за судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, која за усмртувањето на Гоце Димитриевски, губењето на плодот и тешките повреди на Наташа пресуди условна казна за Васил Чорбаџиев, 63 годишен скопјанец кој со својот автомобил недозволено сврте на две полни линии и удри во моторот на Димитриевски.

Од Судскиот совет доби ветување дека нејзиниот случај ќе се разгледува на првата наредна седница, уште идната недела кога ќе биде формирана Комисија. Сопругата на загинатиот Гоце Димитриевски, побара поддршка од медиумите и јавноста, а за политичарите имаше една порака: – Да не го користат овој случај за собирање на политички поени.

Кривичниот суд денеска суптилно ја префрлува топката кај обвинителкта Снежана Бундалеска. Нанесувањето на тешките телесни повреди и смртните последици е сторено од небрежност, а така одлучило обвинителството.

– Јавноста мора да знае дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува јкавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во КЗ, водејќи сметка за сите околности. Судот во ваков случај не може да смени или преквалификува кривично дело ниту може да излезе од рамките на пропишаната казна. – велат од Кривичен суд.

Но обвинителството знае дека за ова дело судот можел да одреди минимум една, а максимални пет години затвор за возачот на џипот,  неправосилно осудениот Чорбаџиев. Токму поради ова веќе најавуваат жалба до Апелација. 

– Од анализа на сите обезбедени  докази неспорно произлегува дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст кој би укажал на тоа дека свесно и волево ја предизвикал штетната последица- на раскрсница навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол. – велат од ОЈО-СКопје.  

Димитриевска  подготвува забалешки и за обвинителката Снежана Бундалеска, која го водеше случајот  и на крај не се појави да ја слушне  пресудата.

Критики на адреса на судството беа упатени од партиските седишта на власта и опозицијата, кои овој случај го искористија како алатка за политичко пресметување.

Total
0
Shares
Поврзани објави