Состојбата со Ромите во Европа: „Невидливи“ и во време на пандемија

Здравствените, егзистенцијалните, финансиските, социјалните и образовните последици од ковид-19 кризата, се товар со кој секоја држава одделно во Европа  се справува на свој начин. Но, се чини дека на оние кои и досега им било најтешко, и сега во време на пандемија живеат на  работ на животот. А тоа се Ромите.

Публикацијата на Неда Коруновска и Жељко Јовановиќ изработена во рамки на  Фондацијата „Отворено општество“ покажува дека членките на ЕУ (Бугарија, Унгарија, Италија Романија, Словачка и Шпанија) не одговорија со соодветно внимание на многу поголемиот ризик на смртност од ковид-19 кај ромската популација. Нивната генерална оценка е дека здравствените мерки се несоодветни за услови во екстремна сиромаштија и се условени со здравственото осигурување, кое им недостасува на многу Роми.

Анализирајќи низа сегменти од нивното општественото живеење во време на пандемија, авторите нудат препораки кои ги адресираат до  институциите на ЕУ. 

Неда Коруновска еден од авторите на Анализата „Ромите во кризата со ковид-19“

Како „итно“ се препорачува масовно тестирање за ковид-19 во густи ромски населби без пристап за вода и за оние без здравствено осигурување. Неопходно е да се обезбеди водоснабдување на населбите за одржување хигиена во борба против корона вирусот. А, од хуманитарен аспект и пристап до храна, лекови и заштитни медицински средства. Понатаму, сметаат дека треба да се забрани откажувањето на основните комунални услуги во вакви услови, со можност да се субвенционираат трошоците за потрошувачка за најранливите или пак изгубиле приходи, се до закрепнување од пандемијата. Државата, пак, да обезбеди карантински капацитети за оние многубројни семејства кои живеат на мал простор, каде и домашната изолација ги загрозува членовите на семејството, а особено старите и хронично болните.

Во долгорочните мерки, се нагласува проширување на примарното здравствено осигурување за да се вклучат и оние Роми кои во моментот го немаат. Покрај масовното тестирање за ковид-19, во анализата се наведува дека се потребни и програми за вакцинација за други болести.

Безбедносни мерки – борбата за преживување наспроти карантинот 

Наместо да посветат посебно внимание на здравствените мерки,

некои влади прибегнаа кон прекумерно полициско или несразмерно користење на сила, се наведува во документот. На пример, во Бугарија, полициските контролни пунктови за набљудување на движењето на жителите беше поставено во неколку ромски населби. Безбедносните мерки не беа проследени со здравствена поддршка, освен за 165 тестови направени во 2 најголеми ромски населби во Софија, каде живеат повеќе од 50.000 луѓе. Но, недостатокот на храна ги присилува најранливите Роми да го расипат карантинот, што го загрозува нивниот пристап до социјална помош и ги изложува на злоупотреба на полицијата, особено во Бугарија и Романија.

Војници, полиција и беспилотни летала беа многу повеќе присутни кај ромските заедници отколку медицински сестри, доктори и медицински материјал. После напорите за почетна помош организирани од ромските невладини организации, Владите во посочените земји започнаа да даваат итна помош“, пишува во публикацијата. 

Генерално, се поприсутна е дискриминација, која ги таргетира Ромите како закана за јавното здравје со што уште повеќе се зголемува говорот на омраза. Анализата „Ромите во кризата со ковид-19“ го скенира одблиску нивното ново секојдневие во услови на пандемија и (не)преземањето  акција од наведените земји-членки на ЕУ.

Во овој бриф, ние предупредуваме на проблемите со кои ромската популација се соочува со ковид пандемијата и како сите мерки кои владите ги преземаа влијаат на нивниот живот. Ги земавме во предвид здравствените ризици, бидејќи голем дел од Ромите во Европската унија имаат пристап до здравствено осигурување, до основни услови како вода и мерките за превенција од ковид-19 се многу отежнати земајќи во предвид дека живеат голем број членови во едно семејство. Од безбедносен аспект, земји како Бугарија и Словачка кои диспропорционално воведоа некои безбедносни мерки, иако бројот на случаи во ромските маала, не беше ниту голем ниту поголем од други, вели во разговор за „Досие“ авторката Неда Коруновска.

Коруновска порачува владите да воведуваат мерки не само за заштита на ромското население, туку и ќе го искористат потенцијалот којшто Ромите го имаат во Европа. 

автор: Петар Клинчарски Фото : Dosie.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави