Средношколците најавуваат бојкот и протести против онлајн наставата

Средношколците се противат на начинот на реализација на новата учебна година поради тоа што не биле вклучени во носењето на одлуката и бараат комбиниран модел на настава.  Сојузот на средношколци конечната одлука ќе ја донесе в сабота за кога е закажан состанок на претставници од 17 градови.

„Останува да видиме дали ќе имаме бојкот на наставата од први септември или ќе организираме протести за оваа одлука. Во моментов немаме унифицирана одлука за протести или за бојкот“, вели Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.

Тие сметаат дека надлежните три месеци не направиле ништо за подобрување на онлајн наставата, но и за безбедно враќање во училишните клупи.

„Сега, кога се приближува крајот на летото и почетокот на новата учебна година, Министерството за образование и наука (МОН) го снајде катастрофа. Тие имаа три месеци да се фокусираат на клучниот датум – први септември. Што направија? Ништо. Протоколите и плановите сè уште не се готови“, велат од Сојузот на средношколци.

Според нив, комбинираниот метод на наставата е најдобар за нив, дел од учениците да ја следат наставата од дома, а останите физички да присуствуваат во училниците.

„Учениците да се менуваат на смени. Засилени хигиенски мерки, задолжително носење маски. Сметаме дека комбинираниот метод е најдобар и најефикасен поради повеќе причини, но ние сме сериозно загрижени од пристапот на МОН.“, посочуваат од Сојузот.

Според истражувањето на Сојузот на средношколци, само 7,9 отсто од учениците сметаат дека онлајн наставата е целосно ефикасна, а 59 отсто од нив рекле дека не секој има доволен пристап до потребната опрема, додека, пак, огромни 84 отсто побарале полесен пристап до услугите за ментално здравје коишто ги нудат училиштата.

Министерството за образование нема унифицирана платформа за онлајн настава која ќе ја користат сите училишта. До школите доставиле предлог платформи, но училиштата сами да си одберат која ќе ја користат. Дури сега Министерството за информатичко општество се обидува да ја добие плаформата „Microsoft 365“ за да можат да ја користат сите училишта.

Од МОН велат дека заедно со Бирото за развој на образованиет со помош на УНИЦЕФ се прават напори за изработка на уникатна македонска платформа. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави