Судот во Хаг не открива во кое својство е поканет Али Ахмети

Лидерот на ДУИ Али Ахмети за десет дена нема да учествува во изборот на новбата влада затоа што ќе биде на распит со припадниците на специјалното косовско обвинителство за воени злосторства и злосторства против човештвото против косовски претседател, Хашим Тачи.

Од кабинетот на Ахмети потврдија дека овие два датуми се потврдени како термин за давање на исказ и тврдат дека Ахмети е повикан како сведок и ќе одговара во Приштина.

Од специјалното обвинителство за Телма изјавиле дека до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок.

-Ние не кажуваме детали за било што во врска со нашата истрага. Информацијата која вие ја кажувате, мислам дека доаѓа од самиот г-дин Ахмети. Ние немаме споделено никаква информација за секој што се појавил, во која било фаза или со кого било разговарано. Едноставно, ние не споделуваме информации за истрагата. Кога настаните и постапките ќе бидат јавни, тогаш ќе објавиме информации и за тоа. Но, ништо претходно не е за јавност, изјавил за Телма Кристофер Бенет, портпарол на косовското специјално обвинителство.

Портпаролот Бенет објаснува седиштето на судот и обвинителството се наоѓаат во Хаг за да се избегне притисок од јавноста, но и да се заштитат сведоците во случаите во кои како обвинети се појавуваат и високи политички претставници на Косово.

Сепак обвинителството може да земе секаде исказ, а во Косово по потреба користат определени објекти.

– Нашата истрага ќе се одвива на многу, различни места и тоа (исказ на Ахмети во Приштина) исто така е можно, ни појасни Бенет.

Ахмети пред изборите објави дека е поканет да сведочи затоа што бил дел од раководството на ОВК за време на војната со српските сили. Тој додаде дека ќе ги брани светлите цели на албанската ослободителна борба. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави