СЗО: Здравите луѓе да не носат маски, кај нас ќе се казнува

Додека низ светот се води дебата околу тоа дали маската може да не заштити од пренос на вирусот Ковид 19 и Светската здравствена организација посочува дека здравите луѓе на треба да носат маски, министерот за здравство Венко Филипче и натаму останува на препораката за задолжително носење маски. Тој истакна дека е точно оти препорака на Светската здравствена организација била да не се носат маски, но дека сега има промени во ставовите поради промени на сознанијата за вирусот.

„Факт е дека во меѓувреме излегоа многу студии, препораки и искуства од многу други земји. Имајќи го предвид се уште не точно утврдениот начин на ширење на вирусот, освен оние докажани до сега, како и фактот дека сега е јасно оти има многу асимтоматски носители, многу земји во светот, а и ние ја воведовме оваа мерка. Во оваа фаза, после сите сознанија од овој период што ги имаме, сметаме дека е неопходна една мерка која што значајно ќе придонесе да се намали ширењето на вирусот.“, изјави Филипче.

И на самата страна на Светската здравствена организација се посочува дека лица кои не се заразени треба да носат маски исклучиво кога им помагаат на оние кои се заболени од вирусот. Директорот на СЗО Мајкл Рајан изјави дека носењето маски за лице може дури и да предизвика повеќе штета отколку корист.

„За носењето маски нема конкретни докази кои укажуваат дека носењето маски на кој било начин е од било каква корист, всушност има спротивни докази за тоа. Верувам дека маски треба да носат само болни за да не го шират вирусот и здравствените работници на кои им се потребни.“, рече Рајан.

Укажувањата дека со намалувањето на полицискиот час носењето маски е задолжително доведе до тоа што македонските граѓани кои се без маска не им е дозволено да влегуваат во маркети или банки. Во овие два дена откако е воведена мерката не сите граѓани носат маски, но надлежните велат дека до први мај само ќе укажуваат на прекршување на мерките, но потоа казна за неносење маска ќе изнесува 20 евра.

Total
0
Shares
Поврзани објави