Таткото на Протасевич тврди: Тоа не се негови зборови

Таткото на уапсениот белоруски блогер Роман Протасевич смета дека неговиот син бил измачуван и со насилство принуден да даде изјава.

„Можно е носот да му е скршен, зашто формата му е поинаква и има многу пудра врз него. Целата лева страна на лицето му е покриена со пудра“, вели Димитри Протасевич, татко на уапсениот белоруски блогер Роман Протасевич, коментирајќи го видеото на неговиот син објавено вчера. „Тоа не се негови зборови, тоа не е начинот на којшто тој зборува. Се однесува многу резервирано и може да се види дека е нервозен“, вели таткото, додавајќи дека на масата има и цигари кои не се на син му, зашто „тој не пуши“.

Поради сето тоа, Димитри Протасевич е уверен дека син му бил принуден да даде таква изјава. „Син ми не може да признае дека предизвикал масовни протести, затоа што тој едноставно такво нешто нема направено.“ Според него, апсењето на син му е одмазда и би требало на критичарите на режимот да им покаже: „Видете што сме во состојба да направиме.“

„Она што овде се случува е тотално лудило“, вели таткото на Роман Протасевич.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија соопшти дека Протасевич е во истражен затвор и дека не се жалел на здравствени проблеми. Заменикот полски министер за надворешни работи Павел Јаблонски за приватната телевизија ТВН24 рече дека неговата влада слушнала од мајката на уапсениот, која живее во Полска, дека тој е во лоша здравствена состојба, но не наведе детали.

Протасевич беше уапсен на аеродромот во главниот град на Белорусија. Во видео порака објавена вчера тој потврдува дека е во „Истражен затвор 1“ во Минск. „Ќе соработувам и натаму со иследниците и ќе признаам дека сум ги организирал масовните протести во градот Минск“, вели тој во видеото, додавајќи: „Персоналот со мене се однесува сосема соодветно и ги почитува законите“. 

Протасевич пред апсењето живееше во егзил. Неговиот канал беше еден од последните преостанати независни извори на информации за Белорусија откако почна масовното угнетување на дисидентите минатата година.

(Дополнително)

По принудното слетување на патничкиот авион на Рајанер во Минск, леталото со неколку часа задоцнување слета во Вилнус без белорускиот опозиционер Роман Протасевич. Според изјави на неколкумина патници во авионот, Протасевич претпоставил дека авионот слетува принудно во главниот град на Белорусија поради него. „Го фати паника и рече дека е тоа поради него“, изјави патничката во авионот Моника Симкине за агенцијата АФП.

Поддржувачи на белоруската опозиција се собраа на аеродромот во Вилнус, држејќи плакати на кои пишуваше: „Рајанер, каде е Роман?!“. 

Авионот на Рајанер, кој беше на пат од Атина за Вилнус, вчера беше принуден да слета во главниот град на Белорусија придружуван од белоруски борбен авион. На аеродромот во Минск потоа беше уапсен критичарот на власта во Белорусија и поранешен главен уредник на опозицискиот канал Некста, Роман Протасевич. Белоруските власти, кои минатата година го прогласија каналот Некста за екстремистички поради тоа што, како што се вели, се користел за организација на масовни демонстрации против Лукашенко, соопштија дека го уапсиле Протасевич откако авионот во којшто патувал бил пренасочен кон Минск поради закана со бомба. Кабинетот на Лукашенко соопшти дека тој лично наредил ловецот МИГ-29 да го следи авионот на Рајанер до Минск. Заканата е добиена додека авионот бил над Белорусија, се тврди од кабинетот на Лукашенко. Претставници на белоруските власти подоцна информираа дека во авионот не е пронајден експлозив. Роман Протасевич, кој од Белорусија побегна во Полска, е соочен со казна затвор до 15 години.

Total
0
Shares
Поврзани објави