Труење со печурки може да заврши фатално

Фејсбук, инстаграм преполни со фотографии од набрани диви печурки. Оваа година многу порано поради големите врнежи и топлото време енормно го зголемија бројот на диви печурки. 

Токсикологот Чибишев за Канал 5 објаснува дека луѓето треба да се посебно внимателни со бербата и подготовката на дивите печурки бидејќи може да бидат опасни по живот.

„Секоја година има одредени карактеристики, јас навистина добро не ги разбирам печурките, меѓутоа во разговор со луѓето што ги разбираат, тие мутираат на некој начин, и тие што можат да се јадат и тие што не можат да се употребуваат за храна се многу слични. Така што тие што добро не ги познаваат може да погрешат и таа грешка да биде фатална“, изјавил Чибишев.

Деновиве за среќа нема пријавено граѓани кои се затруле од печурки. За доктор Чибишев не заборавна е 2013 година кога цела фамилија од девет луѓе беше затруена од диви печурки, двајца починаа а другите имаа тешки компликации по нивното здравје.

„Од мое искуство морам да кажам дека најголемите грешки ги прават најдобрите познавачи на печурките. Досега во мојата долгогодишна кариера, повеќе од триесет години се сретнувам со многу труења со печурки. Многу од тие завршиле благопријатно и се излекувале луѓето, меѓутоа  добар дел за жал ги изгубивме, и во тој случај се работело за луѓе кои за себе сметале дека добро ги познаваат печурките и дека без проблем можат да ги собираат и да ги консумираат“, истакнува докторот.

Симптоми на труење се болки во стомакот, повраќање. Според докторот сите оние кои јаделе диви печурки а потоа ги чувствуваат овие симптоми веднаш да заминат во болница. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави