Успешно излекуван 14- годишен пациент со мозочен удар предизвикан од ковид-19

Ковид-19 треба да се лекува со холистички пристап, односно наместо лекување на поединечни системи и органи, да се пристапи кон третман на целиот организам, бидејќи специфично за коронавирусот е неговиот интелигентен пристап преку кој ја открива и таргетира генетската слабост на организмот и дава доминантна клиничка манифестација, која кај секој пациент е различна. Затоа, кај ова заболување, е неопходно да се бара и да следи спектарот на симптоми како кај ниту едно друго заболување.

Ова го заклучи д-р Габриела Новотни од Клиниката за неврологија на редовната он-лајн дискусија која ја организираше Лекарската комора, во насока на одржување и поттикнување на комуникацијата меѓу сите нивоа на здравствениот систем, со цел размена на искуства и сознанија во дијагностиката и третманот на пациентите со ковид-19. Досега се организирани седум вакви настани, кои се одржуваат секој петок и се отворени за учество на сите членови на Лекарската комора,објави Плус Инфо.

– SARS-KoV-2 е респираторен вирус но, за жал, тој не предизвикува само респираторно, туку комплексно мултисистемско заболување. Кога се во прашање невролошките компликации едни од првите симптоми се губење на осетот за мирис, главоболки, но се јавуваат и многу посериозни синдроми, како мозочен удар, енцефалопатии или синдромот на Гилен-Баре. Трудовите проценуваат дека до 36 проценти од лицата заболени од ковид-19 имаат невролошки манифестации. Вирусот, директно напаѓајќи го нервниот систем може да предизвика промени на расположението кај заболените, проблеми со меморијата, проблеми во движењето или когнитивни потешкотии. Вирусот има потенцијал да предизвика респираторна инсуфициенција дури и во услови кога нема сериозен наод на белите дробови. Во фазата на цитоцинска бура може да предизвика мозочен едем, а како компликација се јавуваат и мозочни удари. Јасно е дека невролошките компликации кои ги дава ковид-19 се сериозни. Важно да се препознае дека има невролошко засегање за да може соодветно да се лекува – посочи д-р Новотни.

Од Лекарската комора соопштуваат дека мозочен удар може да биде и иницијална манифестација на ковид-19.

Total
0
Shares
Поврзани објави