Уставниот суд го поништи референдумот – општина Гевгелија останува против рудниците

Уставниот суд на Република Македонија ја достави до општина Гевгелија одлуката У. бр.78/2018 со која ги поништува Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, бр. 09-626/1 од 15 март 2017 година и Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво бр. 09-784/1 од 6 април 2017 година, донесени од страна на Советот на општина Гевгелија.

Иницијатор на постапката за оценување на уставноста и законитоста на гореспоменатите Одлуки на Советот на општина Гевгелија пред Уставниот суд беше компанијата „Резервоар минералс Македонија“ ДООЕЛ Скопје, која во 2013 година ја доби концесијата за вршење на детални геолошки истражувања на Кожуф.

Со оваа Одлука Уставниот суд ги поништува Одлуките на Советот на општина Гевгелија со кои се распиша референдумот на локално ниво кој се одржа на 23 април 2017 година, а во врска со отварањето рудници за металични минерални суровини на планината Кожуф. Образложението на Судот е дека со оспорените одлуки Советот на општина Гевгелија спротивно на законите распишал референдум на локално ниво за прашање што не е во негова надлежност, односно за прашање за кое тој не е овластен со закон да одлучува со што постапил спротивно на Уставот и законите. Интегралниот текст од Одлуката на Уставниот суд е достапен на следниов линк: http://ustavensud.mk/?p=17294

Општина Гевгелија претходно ја оспори надлежноста на Уставниот суд во конкретниот случај, аргументирајќи дека Судот во својата оцена пропуштил да ја разгледа правната природа на споменатите одлуки на Советот на општина Гевгелија. Имено, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите. Одовде се наметнува прашањето дали оспорените Oдлуки воопшто претставуваат прописи, односно акти кои се подобни за уставно-судска оцена. По својата природа прописот претставува акт кој содржи општи норми на однесување, уредува односи на субјектите во правото на општ начин и утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, додека Одлуките кои ги оспорува Иницијаторот се конкректни акти кои не содржат општи норми на однесување и воопшто не уредуваат односи на општ начин. Според својата форма, Одлуките на Советот спаѓаат во категоријата правни акти кои имаат поединечен карактер, односно со нив се уредува еден единствен случај- одржување референдум на локално ниво- со што нејзината примена се исцрпува еднократно.

Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, по повод Одлуката за поништување на Одлуките на Советот за распишување на референдумот изјави:

– Уставниот суд на Република Македонија донесе Одлука со која го оспори правото на изјаснување на граѓаните за една ваква важна тема. Но, треба да ни биде јасно дека никој не може да порекне дека локалниот референдум, сепак, се одржа на 23 април 2017 година и дека истиот испрати јасна порака, која ни создава политичка и морална одговорност. Впрочем, пораката која ја испратија граѓаните веќе изврши свое силно влијание и кај централната и кај локалната власт, а истовремено го подигна нивото на еколошка свест кај сите општествени чинители. Во текот на 2017 и 2018 година имаше и други обиди од страна на некои приватни инвеститори да вршат или да продолжат да вршат детални геолошки во општина Гевгелија, но Владата на Република Македонија, Советот на општина Гевгелија и јас како градоначалник дадовме негативно мислење по однос на истите. Во сите мои контакти со компании кои се заинтересирани да инвестираат во општина Гевгелија потенцирам дека нашиот локален економски развој се базира на принципот на одржлив економско-еколошки развој при што економскиот развој не смее да биде на штета на животната средина, како и на животот и здравјето на луѓето. Веќе на сите им е јасно дека општина Гевгелија и целиот југоисток ќе продолжат да бидат зелени, еколошки и чисти региони. Оваа порака е наменета за досегашните и за идните функционери, кои треба да внимаваат што потпишуваат. Бидејќи грешките направени во 2013 година се провејуваат и во 2019 година.

Total
0
Shares
Поврзани објави