ВИДЕО : Прва снимка од Груевски во Будимпешта

Екипа на унгарскиот портал „24.ху“ го лоцираше бегалецот Никола Груевски во Будимпешта како руча во познат и скап унгарски ресторан. Груевски не бил сам, него го придружувале неколку лица за кои се претпоставува дека го обезбедуваат, а имал и личен возач. Груевски не одговараше на прашањата од новинарот дали Унгарија му помогнала во бегството и како успеал да избега од Македонија.

Груевски, според снимката, се превезува со возило од марката „фолксваген шарон“.

За престојот на Груевски во Будимпешта се шират различни информации. Една од нив е дека тој престојува во „Интер Континентал“ или во хотелот „Кемпински“. Двата хотели се наоѓаат во центарот на градот, во близина на местото каде што вчера беше објавена фотографијата на експремиерот. Сè уште не е утврдено кој ја направил фотографијата на Груевски на која може да се види и 26-годишниот Александар Трајковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, вработен во Царинската управа и еден од обвинетите за случајот „Насилство во Општина Центар“.

Според информациите на „Макфакс“, Трајковски вчера заминал во Будимпешта во посета на азилантот Груевски. Тој в понеделник треба да се појави на рочиште за случајот со шлаканиците во Центар. Од МВР не одговорија на нашите прашања дали Трајковски ќе биде повикан на разговор за случајот со бегството на Груевски. Денеска Трајковски постојано беше недостапен на мобилниот телефон, а вчера на вајбер кратко ни одговори дека „станува збор за грешка“.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека обвинителството за околу две недели ќе излезе со првичните резултати од предистражната постапка за бегството на поранешниот премиер.

„Во обвинителството ќе бидат повикани сите лица кои може да дадат одредени информации за бегството на Груевски, а и досега биле сослушани припадници на неговото обезбедување“, изјави Русковска.

Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, пред еден месец избега од Македонија и експресно доби азил во Унгарија.

извор: makfax.com.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави