Видео: Ромската популација феномен во приказната со ковид 19 – структура на население кое е дискриминирано во општеството – со најмалку заразени

Интервју на „Досие.мк“ со спцијалистот по интерна медицина во гостиварската болница, доктор Ариф Пини, еден од ретките Роми доктори во земјава. Паралелно, тој е дел и од невладиниот сектор, како член на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите – „Сонце“ која веќе 4 месеци наназад активно споделува информации помеѓу ромската популација за превенција од ковид-19. Со Пини зборувавме за последните состојби со вирусот во Гостивар, контролирањето на кластерите наспроти масовното ширење на ковид-19, условите во ромските заедници и предизвиците во битката со болеста, како и неговите предвидувања за следниот бран кој се најавува.    

Каква е моменталната слика во Гостивар со бројот на пациенти заболени од ковид-19?

Имајќи ги во предвид информациите уште од почетокот кога настапи пандемијата, зборувам само за Гостивар. Првиот бран беше многу помал. Но, во последен период се забележуваат поголем број на случај. Како и во другите градови гледаме според последните информации, така и во Гостивар се зголемува бројот, барем во последната недела или две, што е фактички состојба која говори дека повеќе циркулира вирусот низ целиот град.  Има повеќе населени места кои се идентификувани пациенти кои веќе се заболени. Можам да констатирам дека последните 2-3 недели, за разлика од почетокот кога се јави вирусот, сега веќе е трендот на зголемување на бројката на заразени од ковид-19.

На што се должи тоа?

Кога се работи за овој вирус, за нас тој се уште е енигма. Имаме непознат непријател и имајќи ги информациите на светско ниво, гледаме дека немаме јасни, децидни и точни информации за вирусот. Тоа што е мое мислење е дека можеби веднаш после опуштање на мерките, се зголеми раздвиженоста, се зголемија контактите и тоа доведе до зголемување на бројот на заболени. Како на ниво на цела Македонија, така и во Гостивар. Сметам дека со олабавувањето на мерките, населението почна веднаш да се раздвижува, да има повеќе контакти и тоа да придонесе да се зголеми бројката на заболени. Како во Гостивар, така и во другите градови.

Постои ли  можност за враќање на рестриктивните мерки, ако бројката се уште е висока?

Кога се соочувате со ваква пандемија, многу е битно да се направи еден баланс на донесување на некакви мерки со олабавување на мерките. Што сакам со ова да кажам? Многу е битна добра проценка на вирулентноста и начинот на пренесување на вирусот, зборам генерално, и колку вие ќе преземете соодветни ригорозни мерки – така всушност го балансирате и бројот на заболени во иднина. Што со ова сакам да кажам? Ако вие донесете строги мерки, вие можеби во одреден временски период ќе имате намалување, но веднаш после олабавувањето ќе ви се зголеми бројот. Епидемиолозите ова многу подобро знаат да го објаснат, но целата работа е – во суштината во пандемиите и ширењето на вирусните заболувања таа епидемиолошка крива да се потрудиме што повеќе да ја истегнеме во подолг временски период. Бидејќи ако имате многу заболени во одреден временски период, го оптеретувате здравствениот систем и тој не може добро да одговори. Затоа добри експертски мерки од страна на епидемиолози кога би направиле добра анализа на состојбата, како би донесувале соодветни мерки експертите, така и кривата би се разблажувала во текот на временскиот период. И сега – ако вие донесете премногу ригорозни мерки може платото на таа крива да ви падне, но потоа ако ги олабавите мерките – веднаш ви се качува. Умешноста во сето ова е да донесувате мерки балансирани кои ќе направат таа крива да има некакво плато. И сега ако земете да направите анализа во земјите, можете да дојдете до следните информации. Земји кои даваа многу ригорозни мерки, па сега по втората ситуација имате поголем пик на заболени. Земји каде беа полабави мерките – имате поблаго плато. Генерален одговор на ова прашање е дека многу е битно балансирање донесување на одредени мерки. Бидејќи ако премногу стегате, подоцна ви се појавуваат поголеми заболувања, Моето конкретно мислење на ова е дека може да се појави уште еден таков бран, но верувам дека бројот ќе биде многу помал, за разлика од овој пик што сега ни се случува.

Дали се знаат кластерите во Гостивар или имаме масовно ширење на вирусот?

Во Гоствар, како што кажав во втората етапа на ширење на заболувањето, веќе почнаа да се јавуваат кластери во одредени села во одредени средини. Но, тоа што се случува во последниот период бидејќи ние помавме од фаза со некакви си мерки во фаза на олабавување. И вие кога олабавувате не можете да имате толку добра контрола. Ме разбирате. И сега народот веќе има контакт еден со друг и доаѓате во ситуација кога ја губите моќта на контролата со кластерите. И кога го имате во предвид кога ви се појавуваат и асимптоматски заболувања, веќе доаѓате во ситуација кога и не можете баш да ја контролирате состојбата. Би можел да кажам дека како на ниво на Македонија, па така и во Гостивар и во сите градови, веќе се чувствува дека се губи тој момент на чување на кластерите и изолација. И во епидемиолошката наука стои дека вие тие кластери на почетокот можете убаво да ги контролирате. Но, во онаа ситуација кога олабавувате мерки и доаѓа до интеракција меѓу луѓето, по автоматизам ја губите моќта врз тие кластери и се останува на свеста на луѓето, на заштита, на носење на маски, на лична хигиена, на миење раце. Се со цел како што кажав да не дојде до премногу голем пик. Тоа што се случува сега во нашата држава гледате дека имаме троцифрен број. И освен како медицински лица да пренесеме порака и апел дека мора да се штитат луѓето сами нема друго што можеме да направиме. Останува на свеста на народот. Внимавање на мерките кои ги даваат властите, носење маски ракавици, заштита се со цел како би направиле помалку да се шири бројот. Меѓутоа, генерално мое размислување е дека не може да се држи таа контрола на кластерите.

Имаат ли доволно капацитет здравствените власти?

Во моментот, мислам дека имаме капацитети. Барем во тоа што го гледам според статистичките информации на слободни места, на болници. Мислам дека добро се држиме. Единствено ме плаши фактот да не овој тренд на троцифрен број се задржи подолг временски период, па тоа да може да ни направи колабс на здравствениот систем. Но, јас цврсто сум убеден дека ќе почне да паѓа бројката и ќе успее здравствениот систем да се задржи со својот капацитет и да може да одговори на заболувањата. Меѓутоа, се надеваме сите ние како медицински лица, би требало веќе да почне да опаѓа бројот на заболени, а со тоа да се растерети и здравствениот систем.

Како мерките за заштитита да се спроведат во ромските средини во Гостивар, каде нема основна инфраструктура, вода, канализација, струја?

Ако вие прво направите една анализа на генералната состојба на ромската популација, ќе видите дека голем број од ромското население живее во лоши социо-економски услови. Имате населби каде нема водовод, канализација, каде нема добра инфраструктура. И според мерките, во смисла, би требало да биде многу поголем бројот на заболени и пренесување на вирусот во такви средини. Но, ако земете да направите една анализа на фактичката состојба, ќе видите дека во ромските средини е многу помал бројот на заболени за разлика од некои други средини. Само како компарација – кога почна бранот со заболување, во Шутка имавте многу помал број на заболени за разлика од Аеродром, Чаир или некои други населби. Во Гостивар, бидејќи јас сум во здравствениот систем како доктор, вие скоро и да немате Ром кој е заболен од ова заболување. Иако имаше некои 10-15 тестови направени, но, излегоа негативни. Сега тука гледаме еден феномен – феномен на тоа што таму каде што би требало повеќе да се шири, напротив, ширењето е многу помало. Но, да не заборавиме еден многу битен факт. Ромските невладини организации, неколку доктори Роми, кои нели кои се вработени во институции, како што сум јас, а имаме исто така специјалист во државна болница, 2-3 општи лекари, уште кога започна ширењето на вирусот ние бевме активни. Имавме неколку емисии на веб-портали, правевме брошири, го информиравме народот дека мора се заштити, бидејќи на тој начин ќе успее да се налаи процентот на заболување. И сега, ако направите една компарација, вие имате структура на население кое е дискриминирано во општеството, кое има страв да не заболи и треба повеќе да се чува и да се пази за разлика од некоја друга популација. Мислам дека допревме со пораките до нашиот ромски народ, верувајте дека Ромите беа многу дисциплинирани, дека многу добро се држеа до мерките и внимаваа. Како негативен аспект можам да кажам дека државата како држава не најде за сходно во такви посиромашни средини да излезе во пресрет. На делење маси, дезинфекциски средства, некои работи кои ќе помогнат. Дали ме разирате? Тука излезе невладиниот сектор во пресрет, ние како интелектуалци, дававме насоки. Но, и државата требаше малку да најде за сходно да најде начин како да допре до ова население. Но, генерално гледано можам јас лично како Ром да кажам дека сум задоволен во однос на тоа каква е состојбата кај ромската популација со ковид-19 вирусот. Бидејќи ние немаме толку висок број на заболени Роми во ромски средини, за разлика од други средини каде живеат Македонци, Албанци, Турци, каде што е поголем бројот. Некако компаративно во европски средини би требало да е поголем бројот, нели? Но, напротив тоа е обратно. Времето и студиите ќе покажат зошто тоа се случува, но знам и тврдам дека голем удел имаат невладините организации, активисти, Роми, студенти, средношколци Роми кои исто така даваат придонес.  Само како аргументи – ние како невладина организација „Сонце“ уште на почеток веднаш бевме активни. Како превенција. Имате организација „Студентска Рома Веритас“  која има кол центар каде Ромите можат да се јават и да прашуваат. Имате во Шутка организации кои работат и го информираат населението. Сето тоа сметам дека придонесе да се почитуваат мерките, да се сфати сериозно состојбата и да не дојде до премногу големо ширење на заболувањето. За тоа јас сум многу среќен. Се надевам дека ќе се подобрува состојбата, како што ќе се подобрува во другите средини, така ќе се подобрува и во ромските населби.

На почеток на кризата – невладините организации споделија став „за“ и „против“ масовно тестирање во ромските населби во државата. Каков е Вашиот став?

Јас сум против масовно тестирање на една етничка група. Ме разбирате. Не сум ја слушнал информацијата дали некој бара исклучиво скрининг на ромско население, знаете, вирусот не познава Албанец, Македонец, Ром. Што се однесува на ова прашање прво мора да разграничиме некои научни работи – а тоа се – вие кога правите масовно тестирање имате можност тоа да го правите имате поголема контрола врз ширење на заболувањето. Значи масовното тестирање овозможува да имате добар скринин на состојбата на популацијата и да знаете каде имате зголемување, каде треба да изолирате, каде треба да пуштате. И тоа масовно тестирање епидемиолозите можат многу подобро да го објаснат, дека има големо влијание негде на почетокот на контролата на епидемијата. Кога епидемиајта зема поголеми размери каде што имате асимптоматски, каде веќе имате контакти меѓу луѓето поголеми, вие не можете да имате контрола преку масовните тестирања. Според мене, масовните тестирања би дале резултат кога би се фатиле негде на почетокот, но веќе од средината навака вие да ги правите тие масовни тестирања, не можете целосно да ја имате контролата на состојбата на населението. Затоа велам дека правење на масовни тестови, ако би ги правеле на ромското население на почеток, јас сум сигурен дека ќе излегуваа негативни. Зошто? Бидејќи ако беа позитивни, до сега ќе имавме многу голем број заболени во ромски средини. Но, фактичката состојба тоа не го говори. Фактичката состојба говори дека во ромските средини дури и најмалку има заболени. Јас повторно напоменувам, постојат причини, нели, информирање, помош, меѓутоа дека е факт дека во ромските средини не е толку голем бројот колку што се очекувало од страна на некои други дека ќе биде голем, тоа не е така. Тоа многу ме радува. Причините зошто е тоа така оставаме на студија која понатаму треба да се испитува. Но, факт е дека во ромските средини бројот не е толку голем колку што некој очекуваше имајќи во предвид социо-економските услови на живеење. Но, генерално одговорот на ова прашање е дека јас не сум за тестирање – вие кога тестирате мора да тестирате во поширока смисла, целиот народ за да видите каде се тие кластери. Бидејќи вирусот не бира пол, вера, нација, не бира ништо.

автор: Петар Клинчарски

видео: Досие.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави