Во ФЗО ги молевме да не вложуваат жалба бидејќи само ќе и изгубат време на Јана – и изгуби таа почина

Почитувани пријатели, луѓе кои ја поддржувавте нашата Јана во целиот период на нејзината борба и со реткиот и опасен канцер, но и со канцерот во системот кој не и дозволи да го добие лекувањето во странство кое и следуваше според закон, сакаме да ве информираме дека пред два дена, на 07.04.2020 година ја добивме ПРЕСУДАТА НА ВИШИОТ УПРАВЕН СУД кој Жалбата на Фондот за здравствено осигурување против пресудата на Управниот суд ја одби како неоснована. Односно неколку месеци откако Јаничка повеќе не е меѓу нас, највисокиот суд во Македонија за управни постапки ја потврди одлуката на Управниот суд според која Фондот требаше да го реотвори нејзиниот случај и повторно да одлучува поради повреди во постапката на одлучување.

За потсетување,

-во декември 2018 конзилиумот од Германија бара ИТНО продолжување на лекувањето на Јана со имунотерапија
-во февруари 2019 првостепена комисија од ФЗО ЈА ОДБИВА тврдејќи дека терапијата не била базирана на докази (лага!)
-март 2019 второстепена комисија од ФЗО ЈА ОДБИВА тврдејќи дека Јана била дел од медицинска студија (уште поголема лага!!)

! *Еве го доказот дека имуното не е „бабина деветина“ туку медицина базирана на докази: https://www.nice.org.uk/guidance/ta538
!! **Доказ дека Јана не беше дел од медицинска студија е здравиот разум – ако беше, лекувањето ќе беше бесплатно и немаше до крај на животот да биде без терапијата која и беше ИТНО препишана

-во април 2019 Јана ја започна битката пред македонските судови против погрешните решенија на комисиите на ФЗО.

-во септември 2019 (после 5 месеци) Управен суд одлучи во корист на Јана, односно го врати нејзиниот предмет на повторно одлучување

-Во ФЗО ги молевме да не вложуваат жалба бидејќи само ќе изгубат време на Јана, а секако на суд не може да го добијат случајот бидејќи правдата е на страна на Јана. ФЗО одби да го послуша здравиот разум и медицинска етика, па ВЛОЖИ ЖАЛБА.

-Ете го ефектот. Наместо во октомври да не вложеа жалба, да одлучуваа повторно и да ја испратеа Јана на лекување, вложија жалба, во декември Јана не напушти, а денес добивме пресуда дека бевме во право цело време.

Ова го пишуваме од две причини.

ПРВО, за да се истакне ужасната тромавост на македонските судски институции кои за предмети во кои се работи за живото-загрозувачка состојба односно е потребно ИТНО решавање, ги решаваат по 5 месеци, како да се работи за спор за делба на нива, а не за човечки живот.

ВТОРО, да се потенцира нестручноста на СИТЕ кои постапувале во одлучувањето за лекувањето на Јана, па не само што од формално-правен аспект ги повредиле процедурите поради кои и судовите пресудија во наша корист, не само што од етички аспект ги повредија непишаните правила па ја жалеа пресудата на Управниот суд иако беа свесни дека ќе и губат скапоцено време на Јана, туку и АПСОЛУТНО НЕСТРУЧНО одлучуваа во комисиите со лажни погрешни неточни небулозни „заклучоци“ кои беа пречка Јана да добие шанса да продолжи да се бори со реткиот многу опасен канцер.

Јана ја нема, но живее во нас и со нас секој ден. Нејзината храброст, цврстина, одлучност, питомост и љубов со кои го живееше целиот живот и со кои ја помина целата борба со ракот, ќе останат и понатаму да сведочат за неа, за сите кои се грижеа за неа и за канцерот во системот кој наместо да им помага на своите граѓани, им го отежнува, кој ненамерно, но некој и свесно и намерно, патот до можноста за излекување.

Токму затоа сега, имајќи ги исцрпено сите можности пред македонските судови, ќе ги тужиме сите инволвирани кои одлучувале во случајот на Јана. Неа ја нема и ништо не може да ни ја врати, но тоа ќе го сториме во спомен на нејзината борба и со цел ДА НЕ СЕ ДОЗВОЛИ вакво нешто да се повтори никогаш повеќе во Македонија. Доволно нестручни дилетанти и скандалозно ДОЛГИ процедури им „пресудуваат“ по живот на граѓаните на Македонија.

Во спомен и чест на Јана,
ве поздравува нејзиното семејство.

Чувајте се што повеќе можете во овој период.

писмо од родните на Јана

Total
0
Shares
Поврзани објави