За неносење маски до мај опомени потоа казни

– Најпрвин опомена, а потоа и казни ќе добијат оние граѓани кои не ја почитуваат мерката за задолжително носење на заштитната опрема за носот и устата, која заедно со мерката за олеснување на ограниченото движење, почна да се применува од вчера. Воведените мерки, како што информираат од Министерството за здравство, се клучни во превенцијата од ширењето на коронавирусот. Граѓаните, како заштитна опрема може да користат респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично, кои ќе  овозможат прекин на преносот на вирусот.

-Носење на заштитната опрема за покривање на носот и устата е задолжително во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метрa меѓу граѓаните како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, информира Министерството.

Оваа заштитна опрема не е задолжителна при престојот во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри. Што се однесува до мерката за олеснување на забраната за движење, граѓаните не смеат да се движат секој работен ден, од понеделник до петок од 19 часот до 5 часот наутро. Лицата над 67 годишна возраст можат да се движат секој работен ден од 5 до 12 часот. Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот. За време на викендите, забраната за движење ќе почнува од 15 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 5 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 5 до 11 часот наутро, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12 до 15 часот. Со олеснувањето на рестрикциите во движењето, неколку дуќани, бутици, цвеќари во одредени општини веќе почнаа да работат со скратено работно време. Во Куманово, сопствениците на трговските објекти претпазливо го најавија почетокот на работата на социјалните мрежи. Најголем дел од нив ќе работат со скратено работно време од 11 до 15 часот, додека во сабота ќе работат од 11 до 13 часот, согласно препораките на Владата.

Total
0
Shares
Поврзани објави