ЗАБОЛЕВМЕ ОД ПАЦИЕНТИ КОИ КРИЈАТ СИМПТОМИ – ДОПИСНИЧКАТА НА СДК.МК ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ ВО ОХРИД

Строго забранет влез во Ковид-центарот, стои на вратата од Инфективното одделение во Охридската болница каде чекаме да нѐ внесат во делот каде се сместени тешко болните пациенти. Најпрво, добивме упатство како треба да се однесуваме за да излеземе здрави. По строги правила ја облековме и заштитната опрема која за миг ни покажа низ што сѐ поминуваат секојдневно здравствените работници кои се борат за секој живот тука.

Нивната издржливост и уморот се на граница, но насмевката и оптимизмот не ги напуштаат. Година дена се соочени со разни судбини, но ниту едно медицинско лице од овој оддел не заболело од ковид-19. Велат дека строго ги почитуваат правилата за носење заштитна опрема и меѓусебно држење дистанца како на работното место така и надвор од болницата.

„Уморни сме и физички и психички, но оптимизмот не нѐ напушта, не смееме да се предадеме. Правилното облекување и соблекување на заштитната облека за влез во соба каде има заболени е најважно, скафандер, заштитна маска, визир, неколку пара раквици, каљачи платнени и најлонски. Протоколот мора да се почитува за да останеме здрави и покрај тоа што секојдневно сме со заразени пациенти. Единствени сме што успеваме да нема ниту еден заболен, мора да се однесуваме одговорно“, вели главната сестра на Инфективното одделение Мирјана Спасова.

Од вкупно 50 хоспитализирани во Општата болница, има пациенти и со потешка и со полесна клиничка слика. Најтешко болните се на Инфективното одделение. Повеќето од нив имаат проблеми со белодробни заболувања, со срце, притисок, дијабетичари, астма, а кај двајца пациенти се појавиле крварења од желудник и стомак што за лекарите е нов симптом досега непознат.

Зоре Војнески две недели е во болничка постела. Кревет до него е неговата сопруга која имала полесни симптоми. (Фото: СДК.МК)

Началничката на Инфективно д-р Светлана Алексиеска, вели дека скафандерите, маските и раквиците се носат и по 12 часа дневно.

„Кога ќе поминеме низ влезната врата веќе забораваме на уморот, сконцентрирани сме само на пациентите. Последниве два месеца имаме подобри услови во поглед на персонал, бидејќи на припомош се лекари од Интерно и специјализанти кои ни помагаат во административните работи. Порастеретени сме со дежурствата. Сето ова ќе трае додека не се вакцинираме, невозможно е да се избориме со вирусот со природен имунитет. Има и случаи со повторна инфекција на ковид-19, после подолг период повторно да имаат температура. Вакцинација треба што поскоро, за да се редуцира бројот на заболени“, вели д-р Алексиеска.

Според неа, ковид пандемијата е најстрашната болест со која се соочила за 35 години работа како медицинско лице.

„На времето имаше туберколоза, но вакви страшни рентген слики немаме видено. Има пациенти кај кои се гледа големо оштетување на белите дробови. На почетокот не бевме спремни за вака тешки пациенти. Проблем е и тоа што немаме централно снабдување со кислород. Секојдневно се носат боци со кислород“, вели началничката на Инфективно.

Денес бројката на примени пациенти е далеку помала, но напорот да се спаси секој живот е ист бидејќи тука е тенка линијата меѓу животот и смртта.

……… „Заболевме од несовесни пациенти кои кријат дека имаат симпроми на ковид-19. Цела година без ниту еден ден слободен работевме, но ова се случи затоа што пациентите не кажуваат дека се болни“, вели Бранка Богданоска, една од 12-те заболени медицински сестри од Хирургија која упатува порака луѓето да веруваат во вирусот, да бидат совесни за да ги заштитат медицинските лица.

текстот и фотографиите се сопственост на SDK.MK , сторијата продолжува тука

Total
0
Shares
Поврзани објави