Зголемен број на заболени на возраст од 10 до 19 години

Во анализата на ИЈЗ за периодот од 15 до 21 март, забележен е пораст на новозаболени од над 26 отсто, но и на бројот на починати за над 22 отсто

Во периодот од 15 до 21 март во земјава се регистрирани нови 6 899 позитивни случаи со коронавирус, што е зголемување од 26,4% во однос на минатата недела.

Новите случаи се регистрирани во 35 града, при што најголем број се од Скопје (3 441 или 49,9%). Но највисока неделна инциденца од 899 заразени на 100 000 жители е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија).

Тие се добиени од направени 24 517 теста, при што процентот на позитивни се движи од 23,4 до 32,3%, (или просечно 27,9%), што е за 3% повеќе во споредба со минатата недела.

Заболените се од сите возрасни групи, но најзастапена е над 60 (1 772 лица, или 25,7%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата од 30 до 39 (1 303 или 18,9%), потоа 40-49 (1272 или 18,4%), 50-59 (1 210 или 17,5%) и 20-29 (864 или 12,5%).

Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (144 или 2,1%) и 10-19 години (334 или 4,8%).

Она што е карактеристично за оваа недела е што најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај лицата 10-19 (33,1%), 50-59 (32,1%) и 40-49 (30,2%).

Пораст од 22,5 отсто има и кај смртните случаи. Регистрирани се 158 починати од 27 градови.

Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на почетокот на неделава Комисијата за заразни болести ќе ги анализира податоците во периодот откако е воведен полицискиот час (10 март), по што, ако е потребно, ќе се препорачаат и други рестриктивни мерки, како продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на кафеаните.

Total
0
Shares
Поврзани објави