Бундестагот ја изгласа резолуцијата за поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура

Германскиот парламент ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка и признание за македонската култура, идентитет и јазик, и се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија. Според резолуцијата, македонскиот јазик и култура ќе ја збогатат разноликоста на ЕУ.

„Во последните две децении, Северна Македонија мина низ различни фази, во кои постоеше ризик од губење на јасната ориентација за приближување кон ЕУ и нејзините вредности. Во последните години земјата се врати на реален и амбициозен евроатлантски курс и реформски процес“, се наведува во резолуцијата.

Понатаму, според резолуцијата на германскиот Бундестаг, пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е во обостран интерес. Успешниот пат кон пристапувањето во ЕУ има далекусежни симболични ефекти за целиот регион. Северна Македонија е мултиетнички модел. Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик.

„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на  македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата државната министерка во германското МНР, Ана Лирман која го претстави предлогот пред пратениците, пренесува Дојче Веле на македонски.

Според истиот извор, Лирман најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.

Total
0
Shares
Поврзани објави