ВМРО-ДПМНЕ има 58 освоени пратенички мандати, ЗНАМ се изедначи со Левица со по шест

Според последните податоци и симулацијата на ДИК, нема промени во бројот на пратенички места што ги освои СДСМ – 18, а идентичен е случајот и кај коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која, како што покажуваат првичните резултати, останува со 19 пратеника

ВМРО-ДПМНЕ има освоени 58 мандати во новиот пратенички состав. Ова го покажува последната симулација на Државната изборна комисија (ДИК), објавена утрово врз основа на обработени 99,60 отсто од избирачките места во сите шест изборни единици на територијата на целата држава.

Во апсолутни бројки, резултатите се темелат на обработени 1 802 165 избирачи од вкупно 1 815 350, колку што беа запишани во единствениот Избирачки список за парламентарните избори, одржани вчера, а на кои ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа.

Споредено со симулацијата на ДИК објавена доцна синоќа, ВМРО-ДПМНЕ сега, како што покажуваат новите бројки, има еден пратеник помалку, односно 58 мандати.

Според последните податоци и симулацијата на ДИК, нема промени во бројот на пратенички места што ги освои СДСМ – 18, а идентичен е случајот и кај коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која, како што покажуваат првичните резултати, останува со 19 пратеника.

Освен кај ВМРО-ДПМНЕ, промена има и кај Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на Максим Димитриевски, кое, според последните податоци, сега има шест пратеници, за разлика од претходните пет од синоќа.

Со ова партијата на Димитриевски во моментов е изедначена по бројот на пратеници со Левица, која останува на бројката од шест освоени мандати во новиот парламентарен состав.

Што се однесува до коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“, таа и според последната симулација на ДИК е со освоени 13 пратенички мандати.

Во апсолутни бројки и во проценти, последните податоци на ДИК покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ освоил 431 251 глас или 43,23 отсто; „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ – 153 250 гласови (15,36 отсто), „Европски фронт“ на чело со ДУИ – 137 486 (13,78%), коалицијата „Вреди“ – 106 991 (10,72%), Левица има 67 338 гласа (6,75%), а Движење ЗНАМ – За наша Македонија 55 539 (5,57%).

Total
0
Shares
Поврзани објави