Штрајкот на судската администрација го одложи рочиштето од судскиот процес за случајот Пендиков

Одложено е денешното судското рочиште од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води во врска со нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид. Причина за неодржувањето е штрајкот на вработените во судската администрација, кои и денеска протестираат пред судската зграда.

Инаку, во судницата беа присутни и оштетениот Пендиков и првообвинетиот во предметот Илија Спасески.

Адвокатот Стефан Камишевски, застапник на оштетениот, изјави дека државните органи и обвинителството добро си ја завршиле работата со пронаоѓањето на второобвинетиот, против кого исто така е поднесена кривична пријава.

– Лицето е препознаено, поднесено е соодветно обвинение против него, очекуваме постапката против тоа лице да биде споена со оваа постапка и понатаму да се води како еден предмет, за истото кривично дело. Секако тоа ќе биде соопштено на следното рочиште, рече Камишевски.

Застапникот на обвинетиот, адвокатот Димитрија Цобоски, рече дека расправата по предметот не може да се одржи поради протестот на судската администрација, а се работи, како што рече, за предмет што не спаѓа во групата што би се работеле и во вакви услови.

Следното судско рочиште по предметот судијата Бојан Мартиноски го закажа за 26 октомври.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство, кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Total
0
Shares
Поврзани објави