Агентите на ФБИ барале документи за нуклеарно оружје при претресот кај Трамп, тврди „Вашингтон Пост“

Претресот во Палм Бич на Флорида е една од бројните истраги со кои се соочува поранешниот претседател на САД уште од неговиот престој во Белата куќа. Против него се води и посебна истрага поради неуспешниот обид на неговите поддржувачи да го променат исходот на последните претседателски избори со наводно внесување на лажен попис на гласачи

Агентите на ФБИ барале документи поврзани со нуклеарно оружје за време на претресот на домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на Флорида, објави „Вашингтон Пост“. Според овој извор, не е познато дали такви документи се најдени во Палм Бич каде се наоѓа куќата на Трамп.

Министерството за правда побара од судијата во истражната постапка да издаде налог со кој се одобрува претрес во одмаралиштето на Трамп, со цел јавноста да дознае повеќе информации за тоа што точно се бара при претресот на поранешниот американски претседател.

Од друга страна пак, настаните на Флорида во текот на оваа недела, Трамп ги категоризираше како „политичка одмазда“.

Претресот на Флорида е дел од истрагата со која треба да се утврди дали Трамп нелегално отстранил документи од Белата куќа кога ја напуштал канцеларијата во јануари 2021 година.

Јавниот обвинител Мерик Гарланд за тамошните медиуми рече дека лично ја одобрил одлуката да се нареди претресот.

„Министерството не носи лесно такви одлуки. Секогаш кога е можно, практиката е да се користат помалку наметливи средства за истрага и да се стесни нејзиниот опсег“,

изјави Гарланд.

Неговата потврда за овој случај не е вообичаена, во однос на тоа дека американското правосудство обично не расправа за истраги кои се во тек. Но, во овој случај самиот Трамп во понеделникот навечер објави дека е во тек претрес на неговиот дом.

Гарланд кажа дека Министеството за правда барало да се издаде запечатен налог за претрес, што би можело да фрли светло на природата на истрагата.

Извор запознат со целиот случај рекол дека агентите на ФБИ одземале десет кутии од домот на Трамп за време на претресот. Се уште не е познато дали адвокатите на Трамп и официјално ќе се спротистават на издавањето на овој налог, бидејќи рокот за да го направат тоа истекува денеска.

Претресот во Палм Бич на Флорида е една од бројните истраги со кои се соочува поранешниот претседател на САД уште од неговиот престој во Белата куќа. Против него се води и посебна истрага поради неуспешниот обид на неговите поддржувачи да го променат исходот на последните претседателски избори со наводно внесување на лажен попис на гласачи.

Актуелната истрага пак, за отстранувањето на документи од претседателската канцеларија започна откако од Националната архива упатиле допис до надлежното Министерство.

Поранешен вработен во архивата, Давид Фериеро, претходно потврдил дека Трамп вратил 15 кутии до владините тела во јануари годинава. Другите вработени во архивата подоцна дознале дека поеднечни ставки биле означени како „доверливи информации за националната безбедност“.

Total
1
Shares
Поврзани објави