Руски воен авион случајно испушти муниција кон градот Белгород во близина на границата со Украина во четвртокот доцна навечер, предизвикувајќи експлозија и оштетувајќи згради, јави руската новинска агенција Тас, цитирајќи го Министерството за одбрана.
Локалните власти известија за голема експлозија во градот веднаш преку границата со Украина. Регионалниот гувернер рече дека две жени се повредени. „Додека авионот Сухој Су-34 на воздухопловните сили летал над градот Белгород, дошло до случајно испуштање на авијациска муниција“, рече Тас, објавувајќи го соопштението на Министерството за одбрана.
Су-34 е суперсоничен ловец-бомбардер. Не беше кажано за какво оружје станува збор. Министерството соопшти дека некои згради се оштетени и најави дека истрагата е веќе во тек, наведува руската агенција, а пренесува Ројтерс.
Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, објавувајќи вонредна состојба, на Телеграм изјави дека на една од главните улици има кратер од 20 метри, без да прецизира што го предизвикало. Оштетени се четири автомобили и четири станбени згради, додаде тој.