ЕK: Загадувањето на воздухот во поголемите градови e сериозeн проблем

Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на земјава за 2021 година јасно потенцира дека Северна Македонија треба да ги зголеми финансиите што се одвојуваат на национално и локално ниво за намалување на загадувањето на воздухот.

-Ограниченото спроведување и ресурсите, слабата меѓусекторска соработка и координацијата помеѓу централните и локалните власти го ограничуваат влијанието на мерките за намалување на аерозагадувањето. Проблемот со загадувањето на воздухот во поголемите градови останува сериозна грижа, се наведува во Извештајот на Европската Комисија.

По објавувањето на овој документ, од Еко-свест направија краток осврт на Извештајот, наведувајќи дека главната забелешка на ЕУ е во делот на имплементацијата на новата и постоечката регулатива во земјава, која што се однесува генерално за целиот сектор животна средина и клима.

-Извештајот повторно ги нагласува слабото спроведување, недоволната алокација на ресурси, и слабата интерсекторска соработка помеѓу централната и локалната власт како главни причини за слабиот напредок во овој сектор. Подобрата соработка и зголемувањето на финансиите посветени за мерки против загадувањето на воздухот се меѓу трите најважни препораки во целото поглавје 27 за животна средина, наведуваат од Еко-свест.

Во Извештајот на Европската Комисија се посочува дека изминатава година била набавена мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот во Гевгелија, додека финализирана била замената на мерните инструменти и на веќе постоечката мониторинг станица во Битола.

Од Европската Комисија даваат и признание за надградбата на досегашниот систем за управување со податоците за квалитетот на воздухот на национално ниво, како и за доделената финансиска поддршка од страна на властите за намалување на употребата на фосилни горива, како и за доставувањето на извештаи и податоци за нашата земја до Европската агенција за животна средина.

И покрај ова, Европската Комисија заклучува дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во областа на животната средина и климатските промени, укажувајќи сепак дека повеќето од препораките кои ги дала во 2020 година не биле спроведени на дело.

Total
21
Shares

USJE
Поврзани објави