Комерцијален авион на компанијата „Precision Air“ се урна во езерото Викторија во Танзанија, а во тек е спасувачка операција, јавуваат медиумите.
Портпаролката на авиокомпанијата ја соопшти информацијата за соборениот авион и истакна дека инцидентот се случил во близина на аеродромот Букоба.
„TBC“ соопшти дека досега се спасени 15 лица, но не се знае колку патници имало во авионот на „Precision Air“ , ниту дали има загинати.
Авионот, кој полетал од главниот град Дар ес Салам, „изутринава паднал во езерото Викторија поради невреме и обилни дождови“, објави „TBC“.
Видеата и сликите кои кружат на социјалните мрежи покажуваат дека авионот е речиси целосно потопен, а над водната линија е видлива само неговата зелено-кафена опашка.
Распоредени се чамци за спасување, а службите на итната помош продолжуваат да ги спасуваат другите патници заробени во авионот.