Најмалку три лица се убиени а уште тројца повредени во крвавиот пир на маж од босанскиот град Градачац кој денеска претпладне убиствата ги пренесувал во живо на социјалните мрежи. Сега ќе видите како изгледа убиство во живо, вели тој на снимката која брзо по објавувањето беше избришана од социјалните мрежи. Она што медиумите успеаја да го зачуваат е неговото признание дека ги извршил убиствата.
Според информациите кои ги објавуваат локалните медиуми серискиот убиец Нермин Сулејмановиќ најпрво ја убил својата поранешна сопруга, по што почнал со оружјето да се шета низ градот. Убил уште две лица, татко и син а ранил и тројца кои случајно се нашле пред него. Меѓу нив и еден полицаец и една жена со кои не се познавал.
По добиените информации полицијата веднаш почнала голема потера по него. Додека бегал од полицајците, Нермин постојано пишувал на социјалните мрежи. На својот профил кој во моментов е избришан од Инстаграм тој објаснува дека проблемите кои ги имал со својата поранешна сопруга ескалирале поради тоа што не му давала да го гледа детето. Откако бил лоциран, полицијата го опколила, по што Сулејмановиќ извршил самоубиство.
Нермин Сулејмановиќ бил добро познат во својата средина во Босна и Херцеговина. Бил европски боди билдинг шампион и фитнес тренер. Го познавала и полицијата. Бил повеќе пати приведуван за трговија со дрога.