Масакр врз цивили во Украина: Руски сили истрелаа ракети кон конвој, 23 загинати – Зеленски : Крвожедни ѓубриња

Руски сили утринава истрелаа ракети врз цивилен конвој автомобили и комбиња во близина на градот Запорожје, објави Олександр Стријук, украински гувернер на областа Запорожје.

Станува збор за конвој цивили кои со автомобили оделе да ги земат своите роднини од териториите под руска окупација.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат вознемирувачки сцени со мртви и ранети како лежат на патот.

„Непријателот нападна цивилен конвој во предградието. Луѓето беа во колона која требаше да се упати кон окупираната територија за да ги земе роднините и да достави помош. Има мртви и ранети, а итната помош е на терен. Во моментов знаеме за 23 мртви и 28 ранети. Сите цивили, наши сограѓани“, објави Стријук на Телеграм.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот канал на Телеграм излезе со експресна реакција по денешниот масакр врз цивили во близина на градот Запорожје.

Украина претходно излезе со тврдењето дека руските сили истрелале ракети врз хуманитарен конвој што требало да се движи кон окупираните територии со цел да евакуира цивили и да достави помош, а проруските сепаратисти тврдат дека за нападот е одговорна украинската армија.

„Терористичката држава истрела ракети врз цивилното население во Запорожје, Миколаив и Днепропетровск. Ги напаѓа украинските региони со ракети и беспилотни летала“, соопшти Зеленски.

„Окупаторите во едно утро истрелаа 16 ракети врз регионот на Запорожје. Тоа го можат само терористите за кои нема место во цивилизираниот свет. Непријателот е бесен и бара одмазда за нашата упорност и сопствените грешки“, се наведува во соопштението на Зеленски.

„Цинично ги уништува мирните Украинци затоа што одамна изгуби се што е човечко. Крвожедни ѓубриња. Дефинитивно ќе одговора за секој изгубен украински живот“, заклучи Зеленски.

Total
1
Shares
Поврзани објави