Клучните наоди во постизборната анализа на Здружението „ИМПЕТУС“ покажува дека учесниците во изборната кампања користеле услуги на компании за рекламирање преку билборди и рекламни паноа, кои воопшто и не се регистрирани како понудувачи во официјалната ждрепка на ДИК.
Тоа го отвора прашањето за оправданоста на процентуалната застапеност на политичките партии и независните кандидати при рекламирање на билборди и паноа, што од друга страна, пак, за Антикорупциска значи можност за коруптивен ризик меѓу политичките партии за меѓусебни отстапки.
Политичките партии и независните кандидати најмногу пари за локалните избори потрошиле на рекламирање и пропаганда. Конкретно, најмногу за билборди. Но, токму правниот вакуум во оваа сфера во Изборниот законик содржи многу непрецизни и недефинирани одредби во делот на изборното рекламирање преку билборди и рекламни паноа.
На локалните избори минатата година вкупно 17 компании понудија локации за изнајмување на реклами паноа и билборди. Но, анализата на Здружението „ИМПЕТУС“ открива дека политичките партии користеле рекламен простор на компании, кои воопшто не се евидентирани како понудувачи за истакнување на билборди и паноа во извештаите на ДИК. Таков случај е регистриран кај политичката партија „Левица“, која платила за рекламно пано на компанијата „Тајм борг“ од Скопје. Во листата на ДИК ја нема и компанијата „Зашев ДООЕЛ“, која отстапила простор за симболична сума на партијата ПОДЕМ. Во анализата пишува и дека Групата избирачи на Данела Арсовска, користела услуги на компанијата „Маратон ГРУП ДООЕЛ“ за истакнување содржина на автобуски постојки. Но, ниту оваа компанија не е евидентирана како понудувач.
„Скоро кај сите учесници во изборната кампања, трошоците се наведени во поставките закуп за простор за истакнување, без понатамошен детален опис од кој би можел да се утврди за што е извршено плаќањето“,
се вели во анализата.
Во Изборниот законик се предвидени глоби за правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди, но, нема санкции доколку учесниците во изборната трка користат фирми кои не се официјално дел од листата на пријавените фирми за ждребката во ДИК.
Овој проблем го отвора и прашањето за непочитување на законски дефинираната застапеност на политичките партии, каде е регулирано дека поголемите партии од власта и опозицијата имаат 40% застапност, помалите партии 10% и вонпарламентарните и независните кандидати со 10%.
Со оглед на тоа дека политички партии и независни кандидати се рекламирале преку фирми кои не се дел од списокот на ДИК, се поставува прашањето како нивното рекламирање влегува во дозволената процентуална застапеност? До овој момент, од ДИК се уште немаме одговор.
За време на локалните избори, до ДКСК беа поднесени три приговори, од кои за два институцијата донесе одлука дека ги одбива поради нејасно дефинирани начини на постапување на учесниците во изборната кампања во сферата на платеното политичко рекламирање преку билборди.
Таков беше случајот и со независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Партијата СДСМ го пријави во Антикорупциска дека користел поголем број рекламни паноа и билборди од законски предвидените 10%. Од ДКСК го одбија приговорот, со образложние дека доколку некоја политичка партија или независен кандидат не го искористи вкупниот процент на закуп за рекламни паноа и билборди, останатите учесници имаат право на закуп на истите. Но, и со оваа одлука, ДКСК посочува на прилично растегливата и не докрај уредена законска материја во оваа област.
„Оваа одредба им дозволува на политичките партии и независните кандидати да користат локации рекламни паноа и билборди, кои останатите политички партии, коалиции или независни кандидати не ги искористиле во рамки на нивниот доделен процент на рекламен простор согласно член 78-а став 4 од Изборниот законик. Меѓутоа, во самиот Изборен законик нема одредба која упатува на тоа на кој начин и по кои критериуми се врши таа распределба на преостанати локации, ниту постои основ во законот за доуредување на ова прашање преку подзаконски акт“,
се вели во одговорот од ДКСК.
Член 78-а став 4 од Изборниот законик, сепак, не прецизира дали неискористените локации може да се искористат само меѓу партиите од позицијата, меѓу партиите од опозицијата или меѓу другите кандидати. За оваа поделба не се предвидени подзаконски акти за пропишување на појасни критериуми и начин на распределба.
„Има недостаток на трансарентност и отчетност, бидејќи Изборниот законик не ја обврзува ДИК јавно да ги објавува доставените понуди со различни пакети/ локации и цени, поради што ДИК го објавува само записникот со резултатите од ждрепката со број на пакети, но не и списокот со локации и цени. Според „ИМПЕТУС“, ваквата практика го наметува прашањето за релевантноста, оправданоста и одржливоста на законски утврдениот сооднос и процент“,
вели Лилјана Пецова Илиеска, проектен менаџер во „Импетус“.
На иста линија со „ИМПЕТУС“ е и Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде велат дека нерегулираниот начин на распределба на просторот за рекламирање е коруптивен ризик за уцени меѓу политичките партии за меѓусебни отстапки, ветување поволности, поделба на функции и го започнува кругот на политичка корупција. За да се надминат утврдените состојби во Изборниот законик, ДКСК упатува на потребата од донесување нов Изборен законик.
„Потребно е одредбите 75ѓ и 78-а да се редифинираат со цел да се обезбеди поволна процентуална распределба на рекламен простор и за помалите партии и кандидати, а во зависност од тоа и сразмерна распределба на средствата за платено политичко рекламирање од буџетот на РСМ во корист на помалите партии и кандидати. Секој начин на рекламирање да се уреди со донесување на подзаконски акти со кои појасно ќе се прецизираат правилата на игра меѓу партиите, органите на управ аи правните лица кои стопанисуваат со локациите и нудат услуги за рекламирање“,
се вели во одговорот.
Од таму велат дека за рекламирањето преку билборди и рекламни паноа, ДКСК на состаноците на работната група која работи на измените на Изборниот законик, постојано укажувале дека не се доволно уредени и давале предлози за нивно надминување. Но, со последните законски измени пред одржувањето на локалните избори, не добиле „зелено светло“ од пратениците во Собранието.
Дека се потребни законски измени во сферата на изборното рекламирање, потврдуваат и од Министерстовото за правда, каде во иднина ќе се работи на усовршување на законското решение.
„Изборниот законик се уште е отворена политичка тема и очигледно ќе биде актуелна и во следниот период. Кога ќе започне процесот на измени, дополнувања или пак можеби нов закон, сите забелешки, предлози ќе бидат земени во предвид и ставени за дискусија, бидејќи целта е да се добијат оптималните нормативни решенија“,
одговорија од Министерството за правда.
Од „ИМПЕТУС“ бараат поголема контрола на трошоците за закуп на рекламен простор, извештаите од политичките субјекти да бидат комплетни и да се однесуваат за сите општини во државата, а учесниците во кампањата да се придржуваат до правилата за рекламирање – користење услуги само од правни лица кои биле дел од ждрепката за распределба на локациите во ДИК.
П.К.
*Tекстот е изработен во рамки на проектот на ИМПЕТУС – „Мониторинг на рекламирањето на политичките партии на билборди и паноа“