Нов повик за набавка на јаглен за спас од енергетската криза, овој пат само за РЕК Битола

АД Електрани на Северна Македонија распиша нов тендер за набавка на јаглен за надминување на енергетската криза што од Европа се прошири и во Македонија. Понудите ќе се отвораат на 2 ноември.

Овој пат, вториот тендер што го распиша националниот произведувач е за 900 илјади тони и важи само за потребите на РЕК Битола, односно не се споменува ТЕЦ Осломеј, чие рестартирање беше планирано во претходниот повик, кога се бараа 1,2 милиони тони. Рокот на првиот повик прво беше одложен, а потоа поништен со изговор дека нема понуда за доволна количина.

Три македонски, како и рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина се јавија на повикот на АД ЕСМ за набавка на јаглен за Рудартско-енергетскиот комбинат  (РЕК) Битола и за Осломеј минатата недела. Тоа вкупно се девет економски оператори кои дадоа пет понуди за Битола и осум за Осломеј. Но понудите за РЕК не ги исполнуваат целосно количините кои се бараа, односно не се нуди доволна количина јаглен.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, претходно рече дека набавката на јаглен, која се спроведува по препорака на Владата, а во соработка со стопанската комора, заради високите цени на берзите во регионот и во Европа, е исклучиво за потребите на отворениот пазар, односно стопанството и институциите, со цел тие  да се снабдат со електрична енергија по цени пониски од моменталните цени на берзите.

Македонија дневно губи високи суми евра во тековниот период поради дебалансите на пазарот на електрична енергија и поради тоа што земјава нема доволно сопствено производство на струја. Операторот на електропреносниот систем за оваа сума ги надополнува дневните потреби во ситуација кога електричната енергија за тргување достигна повеќе од 250 евра за мегават/час. Во моментот цената по која продава АД ЕСМ и која важи до крајот на годината, согласно договорот со универзалниот снабдувач е околу 36 евра по мегават/час.

Во оваа ситуација ја немаме ниту потребната акумулација кај хидро електраните за да надоместат во вакви ситуации. Во изминатиот период либерализираниот пазар практично не постои во Македонија, сите потрошувачи наместо од приватните трговци струјата ја купуваат од ЕВН кој е краен снабдувач. 

Во моментов само едниот блок на РЕК Битола на АД ЕСМ произведува струја, а другите два не работат. Дури ТЕ-ТО, когенеративната централа која од природен гас произведува електрична енергија, деновиве е поефикасна со двојно повеќе произведени мегавати. Од хидроцентралите, чиј потенцијал е искористен во просек само 10 отсто, на 15 октомври биле произведени само 2.229 мегавати.

Останува да се види и колку ќе чини производството на „ладната резерва“ ТЕЦ Неготино, чие рестартирање е извесно, но и цената на мазутот во овој период е висока на пазарот.

извор: Faktor.mk

Total
13
Shares

USJE
Поврзани објави