Обвинителство ќе истражува што се случило минатиот викенд во извидничкиот камп

МВР и  јавното обвинителството ќе истражуваат што се случило минатиот викенд во извидничкиот камп организиран од Првиот скопски извиднички одред. Случајот во јавноста го обелодени „Слободен печат“, каде беа објавени сведоштва на родители, чии деца биле дел од кампот каде тврдат дека од нив се барало да глумат секс пози, да симулираат секс, да се се соблекуваат. Организаторите на кампот пак велат дека игрите биле погрешно протолкувани.

Организаторите на кампот биле повикани на разговор во полиција, по пријавата на родител во МВР дека малолетници биле вклучени во непримерни активности. Од МВР пак го известиле јавното обвинителство од каде што, пак, дале насоки за расчистување на предметот.

Прв Скопски Извиднички Одред (ПСИО), по дводневен молк соопштија дека откако внимателно го разгледале случајот, сметаат дека сведочењата за настанот биле извадени од контекст, а игрите погрешно протолкувани.

„Есенски бакнежи, прегратки е традиционален настан чија цел е да ги спои основите на рок музиката, извидничките вештини и сексуалното образование. Настанот е наменет за категоријата постари извидници (постари малолетници над 16 години). На овој настан учествуваа 32 учесници доброволно пријавени во екипи по 4 лица преку своите матични одреди и 10 волонтери од ПСИО. Акцијата се креира од млади за млади и се одржуваше во безбеден простор, во забавна и младинска атмосфера, и секој учесник имаше можност да пријави доколку се почувствува непријатно“, стои во соопштението.

Дополнуваат и дека настанот се одржува веќе 12 години и имаат учествувано повеќе од 500 млади.

Од Сојузот на извидници, чија членка е ПСИО, велат дека немаат увид во сите активности кои ги прават локалните одреди, но дека во моментов истражуваат што точно се случувало на настанот. Додаваат дека не сакаат да избрзуваат со реакцијата, но исто така истакнуваат дека ќе има санкции доколку некој од  извидничките одреди не ги почитувал одредбите пропишани во Статутот на извидниците.

Од Град Скопје, по медиумските написи дека финансирале ваков настан, најавија дека го прекинуваат договорот со Првиот скопски извиднички одред и се оградија од активностите кои предизвикаа жестоки реакции во јавноста. Додаваат дека во проектната документација што ја доставил кампот до нив, ја немало наведено спорната активност.

„Дополнително, учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и не шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред. Ја споделуваме загриженоста и осудите од страна на стручните лица и општата јавност и се согласуваме дека сексуалното образование не може да се спроведува од ентузијасти туку исклучиво од професионалци во областа“, пишува во соопштението.Реакција за настанот стигна и од ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација. Оттаму апелираа за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување на случајот. Појаснуваат дека според сведоштвото, учесниците на настанот, меѓу кои и малолетни лица, биле дел од активности кои се недозволиви и немаат никаква врска со сексуална едукација. Додаваат и дека информациите од родителот укажуваат на кршење на малолетнички права и на сексуално вознемирување – однесувања кои се неприфатливи и кои, доколку се утврди дека навистина се случиле, мора да се санкционираат.

„Еден од најважните постулати на сексуалното образование е да се гарантира безбедна средина за секој учесник и да постои согласност за учество од страна на учесникот, што е уште поважно кога станува збор за малолетни лица кои немаат законска можност да дадат согласност. Доколку се спроведува правилно, сексуалното образование треба теориски да укажува како да се заштитиме од сексуално преносливите инфекции, сексуалното вознемирување, сексуалното насилство и дискриминацијата и во никој случај не смее да опфаќа активности преку кои учесниците се злоупотребени, доведени во непријатна ситуација или наведени да прават нешто против својата волја“, велат од ХЕРА од каде апелираат дека сексуално образование или едукација не може и не смее да предава секој ентузијаст кој смета дека има познавање од темата.

Истовремено, ги демантираат информациите на социјалните мрежи дека ХЕРА е поддржувач на настанот.

Демант поврзан со оваа тема стигна и од Фондацијата Отворено општество – Македонија, откако во неколку медиуми се појавија текстови кои имплицираат дека ФООМ го финансирал извидничкиот настан. Оттаму велат дека Фондацијата, во рамки на концептот Зелен скок-партнерства за климатска акција, дала поддршка на проект поднесен од Прв скопски извиднички одред, но целта на овој проект била неформална едукација за деца и млади во природа и подигнување на јавната свест за заштитата на животната средина.

Total
1
Shares
Поврзани објави