Одбраната на Даравелски бара ново судење

Одбраната на осудениот поранешен прв цариник Драган Даравелски побара повторување на судската постапка по неговото вчерашно апсење на граничниот премин Табановце. Оваа информација ја потврди Основниот суд Скопје 1. Даравелски беше осуден со правосилна пресуда во мај 2007 година беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања, која пресуда е потврдена и правосилна од Апелациониот суд Скопје од март 2008 година.

Барањето на одбраната е поднесено поради тоа што во првиот судски процес, била донесена пресуда во негово отсуство.

„ Согласно барањето оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, велат од Кривичниот суд во денешното соопштение.

Даравелски беше осуден со правосилна судска пресуда за проневера на 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа, во време кога премиер беше Љубчо Георгиевски. Веднаш по промената на власта започна истрага против него и беа поднесени повеќе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластување, при што беше отворена истражна постапка.

Тој во меѓувреме замина за Србија, па беше осуден во отсуство на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата.

Во 2016 година Даравелски помина извесно време во екстрадициски притвор во Белград, но во меѓувреме стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија.

Total
0
Shares
Поврзани објави