Пратеникот Енес Ибрахим, кој е член на Партијата за движење на Турците, а која е дел од владејачката коалиција, е против уставните измени.
Тој преку својот фејсбук профил објави дека втората уставна измена што ја предложи власта, а таа е измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците, е неуставна.
„Предлог измена и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија односно Амандманот XII што се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, е НЕУСТАВНО.
Впрочем со новиот предлог бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 при што по 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци, а по еден член ќе имаат сите други заедници.
Со овој предлог не се почитува правичната и соодвената застапеност која е загарантирано со Уставот“, пишува Ибрахим на социјалната мрежа.
Во предлог-иницијативата за уставни измени што ја усвои Владата се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот. Во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.