Страшен земјотрес го погоди Хаити – бројот на жртви се искачи над 300

Во страшниот земјотрес со јачина од 7,2 степени според скалата на Рихтер, кој вчера го погоди Хаити, загинаа најмалку 304 лица, додека пак повредени се 1.800.

Премиерот Ариел Анри рече дека испраќа помош во областите каде што градовите се уништени, а болниците се полни со пациенти.

Епицентарот на земјотресот бил на околу 125 километри западно од главниот град Порт-о-Пренс, на длабочина од 10 километри, според Американскиот геолошки завод.

Како резултат на тоа, земјотресот е потенцијално поголем и поблиску до површината од претходниот од 7 степени според Рихтеровата скала, што го погоди Хаити пред 11 години, кога загинаа над 100 илјади лица.

Американскиот систем за предупредување од цунами издаде предупредување за цунами по земјотресот, но го укина подоцна, иако медиумите на Хаити објавија дека некои жители на крајбрежните области веќе избегале кон планините.

Премиерот Анри прогласи едномесечна вонредна состојба за целата земја. Тој додаде дека некои градови се речиси срамнети до земја и дека владата има свои работници во крајбрежниот град Лес Кајес со цел да се координира одговорот по катастрофата.

„Најважно е да се извлечат што е можно повеќе преживеани од урнатините. Дознавме дека локалните болници, особено во Лес Кајес, се полни со ранети луѓе“, посочи премиерот.

Според премиерот, Меѓународниот Црвен крст и болниците во областите кои не се погодени од земјотресот помагаат да се згрижат ранетите. Анри, исто така, ги повика граѓаните да се обединат.

Службата за цивилна заштита на Хаити објави на Твитер дека бројот на жртвите изнесува 304, претежно на југот на земјата. Спасувачките екипи успеаа да извлечат повеќе луѓе од урнатините.

Агенцијата наведува дека повредените се уште се носат во болници.

Земјотресот се случи во време кога Хаити веќе беше потресен од комбинирана политичка, хуманитарна и безбедносна криза. Владата е во состојба на хаос еден месец по убиството на претседателот Џовен Мојс, додека на делови од земјата им се заканува глад, а здравствените услуги се презаситени од случаите на ковида 19.

Пристапот до јужниот регион, каде што се случи земјотресот, е исто така ограничен бидејќи клучните делови се контролирани од локални криминални банди.

Total
4
Shares
Поврзани објави