Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до 20. следниот месец ќе ја соопшти одлуката за колку отсто ќе поскапи струјата. До РКЕ, од операторите се веќе пристигнати сите барања за цената на струјата, а доколку сите тие бидат прифатени, нејзиното зголемување од 1 јули ќе биде за 13 отсто.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, вели дека „Електродистрибуција“ има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 отсто, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО, како оператор на преносниот систем, од 53,51 отсто.
Зголемувањето што го бара МЕМО, според Бислимоски, е навидум голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 отсто. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак, е нешто под пет отсто.
„Доколку ги прифатиме сите овие барања, тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75, односно од 13 отсто“,изјави Бислимовски за МИА.
„ЕВН хоум“ нема доставено барање поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави од ЕСМ, повластените производители и ако има потреба од слободниот пазар.
Бислимоски вели дека РКЕ во наредните денови ќе информира на што се темелат барањата за зголемување на цената, но, тоа, според него, е најверојатно поради зголемени трошоци во работењето.
„Ќе видиме дали е тоа прифатливо за нас или не. И претходно кажав, не сум баш приврзаник за промени на цената на електричната енергија сега“,рече Бислимовски.
На прашањето колкаво е влијанието од враќањето на стапката на ДДВ од 18 отсто во цената на струјата, Бислимоски рече дека РКЕ носи одлуки без ДДВ и оти ќе се задржи на делот што го регулираат.
„Ако го пресметате ДДВ-то, тоа не е осум отсто зголемување на цената, математички е некаде околу 7,3, или 7,4 отсто како зголемување на цена што би влијаела“,додава Бислимоски.
Бислимоски пред два дена најави дека дневната евтина тарифа за електрична енергија е сигурно дека ќе се врати, а кога точно ќе почне да се применува, ќе се знае за 15 дена затоа што уште траат разговорите и се чека одговор од „ЕВН хоум“ за колку време може да го приспособи системот.
За примената на евтината тарифа, според Бислимоски, најважна е цената по која „ЕВН хоум“ ќе купува од ЕСМ, а влијание има и цената по која Електродистрибуција и МЕПСО ќе ги купуваат загубите на електрична енергија, дали ќе продолжат да бидат обезбедувани од ЕСМ како досега или ќе се вратат на претходното, на купување на слободниот пазар.