Судот во Хаг ја почна истрагата на потенцијалните воени злосторства во Украина

Како што истакна главниот обвинител на судот, Карим Кан, неговата канцеларија ќе провери дали има докази за воени злосторства, злосторства против човештвото и акти на геноцид извршени од сите страни вклучени во конфликтот. Во меѓувреме, Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди оти нападите врз цивили и цивилна инфраструктура, според Женевските конвенции, може да се смета за воено злосторство

Истражителите на Меѓународниот кривичен суд во Хаг започнаа да ги истражуваат можните воени злосторства во Украина, изјави главниот обвинител на судот, Карим Кан, и додаде дека неговата канцеларија ќе провери дали има докази за воени злосторства, злосторства против човештвото и акти на геноцид извршени од сите страни вклучени во конфликтот.

Запрашан за извештаите за артилериски напади врз украинските градови, Кан рече: „Секоја страна која гаѓа, директно гаѓа цивили или цивилни објекти, врши кривично дело, според ’Римскиот статут’ и меѓународното хуманитарно право“.

„Военото право продолжува да важи и ние имаме јасна јурисдикција. Ова е потсетник за сите фракции, сите страни во конфликтот, дека мора да дејствуваат во согласност со законите во војната“, рече Кан.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг има 123 земји членки и ги гони поединците одговорни за најтешките злосторства, кога една земја тоа не го може или не го сака. Ниту Русија, ниту Украина не се членки на МКС, а Москва не го признава Трибуналот што беше востановен во Хаг во 2002 година.  

Русија негира дека има за цел цивили и тврди дека нејзината цел е да ја разоружи Украина и да ги уапси нејзините лидери, кои ги нарече неонацисти.

Во меѓувреме, Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) предупредува дека Украина се соочува со „погубна хуманитарна криза“ поради зголемениот број на жртвите во војната, а оти според Женевските конвенции, нападите врз цивили и цивилна инфраструктура може да се смета за воено злосторство.

Total
9
Shares
Поврзани објави