Возилото „Мицубиши“ на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска, на денот кога девојчето беше грабнато, е забележано како се движи низ Скопје. Според снимките од системот „Сејф Сити“, во 9:15 часот, автомобилот минува на булеварот кај хотелот „Александар Палас“ и се упатува кон Момин Поток.
Во 14:28 часот, истото возило повторно е регистрирано додека се движи од Сарај кон Ѓорче Петров.
На претходните рочишта, адвокатот на Ѓорчевски изјави дека тој во паника почнал да ја бара својата ќерка, откако поранешната сопруга му кажала дека ја нема.
Денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше фокусирано на презентирање на нови докази, меѓу кои и снимките од траекторијата на возилата во кои се движеле обвинетите. Во продолжение дел од нив:
Во 9.21 минута се гледа како се враќа само “кангуто”.
„Ситроенот е запален”, кажа обвинителката.
Чадот се гледа на видео снимка од приватна куќа во 9.36 часот.
„Кангуто“ се враќа само, без „ситроенот”, на истата снимка, во 9.39 часот. Ова се гледа на снимка од приватна куќа на патот што води кон селото Бразда, на истата камера на која пред неполни два часа тоа утро се гледа како поминуваат накај Горно Оризари двете возила.
Натоварени во едно возило, „рено кангу”, преку општина Чаир, обвинетите Палевски, Манев, Кешишев и Видевски право отишле во седиштето на партијата на Палевски, Десна (до Веро Џамбо) во Скопје.
И конечно, на една од тие снимки на булевар Христијан Тодоровски Карпош во Чаир, се гледа дека возилото „рено кангу” го управува возач што личи на Љупчо Палевски, а до него, според обвинителката, седи обвинетиот Велибор Манев со џемпер.
Палевски веднаш приговараше, бидејќи според него, всушност не се гледа кој го управува „кангуто”.
Во 9.51 минута на друга снимка се гледа дека се движи ова возило кон Центар. Следуваа снимки од движењето на „реното”, на секој километар. Пред МАНУ се забележа џемперот на совозачот сива боја со црна лента, што го носел Велибор Манев и кој по апсењето го потврдил тоа.
Палевски цело време вози правилно, без сообраќајни прекршоци, мирно и ладнокрвно. Во 10.03 часот, на видеоснимка се забележува како се исклучува од булеварот „Кузман Јосифовски Питу” и свртува вдесно, влегува во дворот на седиштето на партијата Десна.
„Истиот ден во утринските часови истото возило ‘рено кангу’, од истиот двор на седиштето на партијата Десна, тргна и се врати по извршување на кривичното дело”, рече обвинителката.