Трајковски: Потсојот на омикрон може да стигне и до 20 починати на дневно ниво

Професорот на битолскиот универзитет Дејан Трајковски  објави пост на Фејсбук по повод растот на  бројките на ковид-позитивни пациенти. Тој предупредува дека најновиот сој на коронавирусот, односно подваријантите на омикрон, не се обична настинка, туку може да бидат опасни, дури и со двојно повисока стапка на смртност отколку во зимскиот бран. Ви го пренесуваме неговиот пост:

„Се уште сме на почетокот на петтиот бран и бројките засега не се големи – или барем се навикнавме и на многу поголеми, па засега многу не се потресуваме. Сепак, во наредните денови и недели новите случаи ќе се бројат со стотици, а веќе се гледа почетокот на експоненцијалниот раст.

Брзо ќе расте стапката на позитивни тестови, којашто достигна дури 17,6 отсто, што е прилично многу за толку рана фаза на бранот. Дневните броеви можат само да растат, за што има услови – ефективниот репродукциски број Rt е веќе прилично над единица, иако растот не му е многу брз, барем засега. Со Rt>1 сме начисто дека за вирусот има многу простор за ширење, односно колективниот имунитет е веќе прилично намален. Бидејќи здравствените власти уште не ги детектирале најновите потсоеви БА4/5, можно е засега да се шири само добро познатиот сој БА2, и тоа само поради падот на колективниот имунитет и неприменувањето на превентивните мерки. Но, со доаѓањето на новите соеви коишто се познати според нивната способност дополнително да го заобиколуваат стекнатиот имунитет, можеме да очекуваме и дополнително разгорување во наредните еден до 1,5 месеци. Со нивното доаѓање, постепено ќе се намалува учеството на потсојот БА2, односно истиот постепено ќе згаснува.

Иако моментално нема смртни случаи, наскоро ќе се појават и тие. Во Португалија, земјата каде бранот веќе е во заминување, максимумот на бројот на нови случаи во петтиот бран бил двојно понизок од претходниот максимум во зимата, кај бројот на починати летниот максимум речиси воопшто не е помал од зимскиот. Тоа значи дека при двојно помалку заболени имало речиси ист број на починати, односно стапката на леталитет била речиси двојно повисока кај потсоевите БА4/5. Ова е лоша вест и оди во прилог на заклучоците од научниот труд дека ризикот за леталитет расте со секоја наредна реинфекција. Башка што новите потсоеви БА4/5 се изгледа и поопасни од претходните потсоеви БА1/2.

Ако во четвртиот, зимски бран, стапката на леталитет изнесувала просечно 1,5 отсто, со новите потсоеви таа може да се искачи на 2 до 2,5 отсто, а заедно со неа и дневниот број на починати. Дури и ако дневниот број на нови случаи не порасне драматично (да речеме дека ќе се движи до 500 случаи дневно), при стапка на леталитет од 2 до 2,5 отсто тоа би одговарало на 10-12 починати дневно на врвот на бранот. Тоа би било уште и оптимистичко сценарио. Од друга страна, ако бројот на умрени во овој бран биде сличен како во зимата (како во случајот на Португалија), тогаш кај нас би можеле да видиме и 15 (понекогаш и повеќе) смртни случаи дневно. А што ќе биде со умирачките ако достигнеме 1000 нови случаи дневно при леталитет 2 отсто?

Во секој случај, нема да биде „обична настинка“, колку тоа и да изгледа неверојатно во овој момент. Особено загрижува кумулативниот ефект од реинфекциите врз леталитетот, така што сите ние, а особено постарите, мораме да бидеме максимално внимателни и да пробаме да избегнеме повторно заразување.

Total
5
Shares
Поврзани објави