Фото галерија – пожарот во Кочани под контрола помош од Бугарија и Србија

Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под контрола. На одделни места во близина на селото Тркање од рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас и нискостеблеста вегетација во пречник од десетина километри.

Околу 500 припадници на територијалните противпожарни единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на огнената стихија. Во изминатото деноноќие таа сериозно ги загрози населбите на западната страна од градот, поголем број производствени капацитети во зоната Лесна индустрија, склад со течни горива и гас, како и земјоделски површини со лозови и други насади.

-По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Премиерот изрази благодарност и до војската и до полицијата, кои, како што напомена не се обучени за гаснење на пожар, но сепак се мошне важни во менаџирањето на граѓаните, кои се во паника од ваквите ситуации, како и во евакуација на цивилното население.

Заев информира дека претседателот Стево Пендаровски разговарал со бугарскиот претседетел Румен Радев за помош, а тој самиот стапил во контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврдил дека за денеска ќе ни отстапат неколку хеликоптери. Разговарал и со техничкиот бугарски премиер Стефан Јанев во насока на правовремено дејствување со сите расположливи ресурси.   

Total
6
Shares

USJE
Поврзани објави