Хаким и семејството се меѓу првите бегалци што ќе пристигнат во Македонија: „Сѐ е подобро од пеколот во Авганистан“

Новинар и писател од САД раскажува за голготата низ која поминало авганистанско семејство обидувајќи се да побегне од земјата која сега е под власт на талибанците, при што добиле азил во нашата земја

Американскиот новинар и писател Џорџ Пакер ја раскажува голготата на авганистанско семејство кое во последен момент успева да побегне од земјата која е сега под талибанска власт. Хаким, сопругата и неговите три сина добиле азил во Македонија и веќе денеска треба да се на пат кон Скопје.

„Хаким се криеше со сопругата и трите малолетни сина во провинциски град стотици километри од Кабул. Аеродромот беше затворен, а рутите до границата беа под контрола на талибанците. Хаким неколку години работеше како преведувач за силите на НАТО. Зборував со него веќе неколку месеци, следејќи ги неговите очајни напори да добие американска виза, додека талибанците не го опколија неговиот град. Тој не беше ни блиску до добивање американска виза – неговата апликација беше запрена во рана фаза“,

вели новинарот, кој за цело време бил вклучен во евакуацијата на Хаким и неговото семејство од Авганистан.

Тој вели дека Хаким постојано му се јавувал и му пишувал пораки, прашувајќи како може да избега.

„Во март тој постојано повторуваше ‘ЧР, ЧР’, бидејќи безуспешно се обидуваше да го добие одделот за човечки ресурси на компанијата која беше подизведувач за американската војска за која порано работеше за да одговори на неговите пораки. Тој ги прифати американските правила толку буквално, инсистираше на нив толку дрско, што не успеа да сфати дека нивната цел не е да го мотивираат, туку да го спречат да добие американска виза“,

пишува Пакер за борбата на Хаким да добие виза.

Пакер му рекол дека треба да се сокрие на безбедно место во земјата или надвор од неа додека не се смири ситуацијата и неговата апликација за виза да биде разгледна.

„Тој звучеше револтиран кога му реков дека амбасадата не може да продолжи да го процесира неговиот случај во услови на хаос и евакуација. Му реков дека треба да чека на безбедно место, внатре или надвор од земјата, додека работите не се смират и кога неговата апликација ќе може да биде разгледана. Знаев дека овој совет е апсурден – немаше безбедно место за него. Немав срце да му кажам дека ние Американците ги смисливме овие фрази, овие постапки, со цел да ја задржиме надежта кај Авганистанците, додека еден ден не се разбудат, а нас ќе нѐ снема“,

пишува Пакер.

Тој вели дека подоцна дознал дека никој што работел на позиција како Хаким не добил официјална дозвола да биде евакуиран.

Оваа вест не го обесхрабрила Хаким, па тој почнал да прашува за нов документ – еден вид привремена карта за аеродром – која Стејт департментот ја испраќа како пдф-документ до апликантите за специјална имигрантска виза, кои пополнуваат долг онлајн-формулар објаснувајќи зошто им е потребно да се евакуираат.

„Еден час подоцна тој ме праша што мислам за неговиот обид да стигне до Кабул. Му реков дека не можам да го советувам – тој самиот треба да ја донесе таа одлуката. Но, тој веќе ја имаше донесено. Еден од неговите глупави роднини известил некои луѓе за неговата поврзаност со Американците, а Хаким слушнал дека новите владетели на Авганистан го бараат“,

пишува Паркер.

Откако Хаким ја донел одлуката, тој ги префрлил документите поврзани со неговата служба во американската војска на клауд, а физичките копии ги запалил. Така, Хаким го направил својот идентитет непознат. Тој подолго време пуштал брадата и не се туширал, а пред да замине од градот бил облечен во валкана облека. Неговата сопруга и децата, исто така, ги облекол во искината облека за да изгледаат сиромашно.

Потоа Хаким и неговото семејство отишле на автобуската станица и се качиле во автобус за Кабул. Хаким седнал напред до човекот одговорен за чистење на автобусот, за да изгледа дека двајца чистачи на автобуси седат заедно. За среќа, неговиот тригодишен син плачел речиси целиот пат, што го натерало Хаким да се ангажира со момчето, а тоа ги одвратило другите патници да го испрашуваат. Патувањето траело 19 часа низ најопасните провинции во Авганистан.

Секогаш кога автобусот доаѓал до талибанскиот контролен пункт (имало најмалку 15) и патниците биле брутално претресувани, Хаким, валкан и нечист, секогаш бил прескокнуван.

Семејството на Хаким безбедно пристигнало во Кабул во петокот.

„Приватните чартер-авиони почнаа да добиваат дозвола за слетување во Кабул. Бев во контакт со неколку новинари кои договорија чартер-лет до Европа за загрозени Авганистанци, по цена од 1,7 милион долари или 10 000 долари по патник, пари платени од поединци и организации за човекови права и медиуми. Моите пријатели беа доволно дарежливи за да сочуваат пет места за Хаким и неговото семејство. Лоциравме сигурна куќа во Кабул, каде што можеа да останат со семејството. Хаким и неговото семејство се одморија таму и се подготвија за следниот предизвик. Во неделата вечерта, пред полицискиот час, тие му се придружија на конвојот што превезуваше 130 Авганистанци од неколку места низ градот до аеродромот. По часови хаос во толпата, талибански насилници и предупредувачки истрели надвор од аеродромот, американските контакти внатре конечно излегоа неколку метри од периметарот за да им го олеснат влезот“,

вели Паркер.

Тој вели дека авионот за Скопје требало денеска да го напушти Кабул и да се упати кон С Македонија.

„’Каде е Македонија?’ Хаким ме праша по неговото пристигнување во Кабул. ‘Погледнете ја мапата на Европа’, реков, по што и двајцата почнавме да се смееме. ‘Не е важно. Само не овој пекол’“,

раскажува Пакер за тоа како реагирал Хаким кога му соопштил дека тој и семејството ќе бидат згрижени во Македонија.

Откако ќе дојде во Македонија, тој ќе продолжи со долгогодишниот напор да биде признаен неговиот труд и Америка да му искаже благодарност со американска виза.

„Прво сакаме да бидеме безбедни. И ова е доволно за нас. Сакаме нашите деца да се образуваат, сакаме да ги видиме нашите деца инженери, доктори, но сакаме децата да ни бидат безбедни, да бидат живи, не сакаме да бидат убиени. Ова е итно, клучно нешто што ни треба. Потоа ќе го продолжиме нашето патување до Соединетите држави, земјата на можностите. Ја сакам оваа земја, ги сакам луѓето од оваа земја. Ако одите во оваа земја, не се чувствувате како муслимани, вие сте будисти, вие сте христијани. Ако одите таму, можете да живеете многу слободно како личност “,

вели Хаким.

извор: 360stepeni.mk фото: илустрација

Total
16
Shares

USJE
Поврзани објави