Брисел и даде зелено светло на Тирана, Скопје останува во чекалницата на ЕУ. Сценариото за кое се предупредуваше се исполнува – Европската Унија го разделува пакетот Македонија – Албанија, а официјална Тирана ќе го отвори првиот преговарачки кластер на 15 октомври.
Одлуката е донесена вчера, на амбасадорско ниво преку телото КОРЕПЕР, а ќе биде потврдена на министерскиот состанок на ЕУ во октомври и се очекува уште истиот ден Тирана да го стартува првиот кластер – Фундаменти или Основи.
Портпаролката на унгарското претседавање со ЕУ, Ана Атанасов, за ТВ 24 ја потврди одлуката на амбасадорите.
– Можеме да потврдиме дека вчера, според точките на дневен ред, Комитетот на постојаните претставници – КОРЕПЕР, се согласи да продолжи со процесот на пристапување на Албанија со ЕУ. – Ана Атанасов портпарока на Унгарско претседателство со Совет на ЕУ.
За одлуката Албанија сама да ги продолжи преговорите со ЕУ, коментарот на Европската комисија е дека Македонија за да напредува, прво треба да ги исполни уставните измени.
– Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основни вредности“ што со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот. – Ана Писонеро портпарол на Европска Комисија.
Дека членството во ЕУ е на дофат, но под услов клучните реформи да продолжат со обновен фокус, порачаа и од Европската служба за надворешни работи ЕЕАС, веднаш по средбата на шефот на европската дипломатија Жосеп Борел со лидерите од регионот во Њујорк. Таму присуствуваше и шефицата на државата Сиљановска Давкова.
– Средбата беше можност да се потсетиме на потребата од решавање на постоечките билатерални спорови. Високиот претставник Борел ја подвлече важноста на добрососедските односи постигнати преку дијалог и компромис како суштински чекори кон интеграцијата во ЕУ. Лидерите мора да преземат храбри, стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации. – Европската служба за надворешно дејствување ЕЕАС.
Македонија според усвоената преговарачка рамка со ЕУ за да го продолжи европскиот пат и да го стартува првиот кластер од преговорите со ЕУ, мора да ги вметне Бугарите во Уставот.