Апелација образложи зошто му намали 10 години затвор на Николов: Бил млад и неоженет, се кае и брат му загинал во сообраќајка

Од 18 на 8 години се намали затворската казна за младиот Ангелче Николов кој во алкохолизирана состојба ја прегази и ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова и избега од местото на сообраќајката без да ѝ пружи помош. Апелацискиот суд ја објави пресудата на својата веб страница во која е образложена нивната одлука. Пресудата ја донеле судиите Ѓоко Ристов, Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи.

Од пресудата се гледа дека адвокатот на Ангелче Николов во судница тврдел дека казната од 18 години затвор е драконски висока и дека судските пресуди за слични дела во сообраќајот претходно, биле далеку пониски. Всушност, адвокатот го бранел својот клиент со судската пракса која со години им дава условни или ниски казни на сторителите на сообраќајки со смртни последици.

Потоа, одбраната на Николов, тврдела дека Ангелче Николов ја признал вината но тоа не му било засметано како олеснувачка околност во првостепената пресуда. Првостепениот суд, пак, кој му досуди 18 години затвор на Николов, не се стекна со впечаток дека Ангелче Николов се кае за стореното.

„Тој многу се кае за стореното, пред две години во сообраќајка загинал неговиот брат, а пред кратко време ја изгубил и неговата мајка, што секако оставило длабока трага на животот на обвинетиот. Во конкретниот случај тој го напуштил местото на настанот зашто не можел да ѝ помогне на жртвата, а од друга страна се плашел од реакцијата на мајката на починатото дете, самиот се пријавил во полициска станица и несомнено ја признал вината што значи дека се кае за стореното. Штетата е веќе надоместена и наплатена спрема оштетените од страна на осигурителната компанија“, изјавил адвокатот на Ангелче Николов.

Апелацискиот суд Скопје прифатил дека основниот суд превисоко му ја одредил казната на Ангелче Николов, затоа што тој признал вина во судница, се извинил, нема оформено семејство, не е женет и казната ќе му влијае во иднина бидејќи е млад, а со оглед дека има брат што загинал во сообраќајна незгода, тој е свесен за последиците кои се предизвикани на оштетените, како и за психичката и физичката болка која што ја трпат за загубата на нивното дете. Дополнително, возачката дозвола ќе му биде одземена пет години по излегувањето од затвор.

„Судот ги ценеше жалбените наводи дека на обвинетиот може да му се изрече поблага казна и дека вака утврдената казна е неправедна и престрога. Инаку, Николов и претходно бил осудуван за сообраќаен прекршок, откако ја усмртил 11-годишната Магдалена се криел повеќе од 30 часа од органите на прогонот, а потоа сам се пријавил“.

„Ова, ценето во корелација со олеснителните околности, односно дека се работи за млад човек, неженет, досега неосудуван, тоа што признал вина и ветил дека нема да му се повтори, подготвен е да го смени личниот статус и да се вклучи во нормалните текови на здравото општествено живеење по мислење на советот на овој суд, со 8-годишна затворска казна и одземање на дозволата на 5 години доволно воспитно ќе се влијае на обвинетиот во иднина да не врши ваков вид на кривични дела“, констатира Апелација.

Апелација сметала и дека 8-години затворска казна одговара на судската пракса од другите случаи за слични кривични дела, дека со неа ќе се влијае воспитно на Ангелче Николов во иднина да одбегнува слични кривични дела, а и позитивно ќе се влијае на околината во која живее.

Total
0
Shares
Поврзани објави