Арсовска: Приватните превозници пет години наплаќале, а не пријавиле ниту еден продаден билет

Двете здрженија на градски превозници за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет, а во ЈСП ги пријавувале само изминатите километри или вкупно околу 400 000 километри месечно за што од ЈСП фактурирале соодветна сума на пари, односно по 400 000 евра месечно.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до сега немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.

Како што истакна Арсовска, станува збор за „шема“ на злоупотреба со која биле затајувани средства од продадени билети и пари за кои не бил пријавен данок и го обвини раководството на двете здруженија, односно нивните директори за криминал.

Ова, како што посочи градоначалниката го покажала ревизијата што ја врши Град Скопје во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, што е под надлежност на Градот, а кое има склучено договори со здруженијата на приватните превозници.

Таа најави дека по изготвувањето на финалниот извештај од ревизијата ќе биде доставен до надлежните институции.

„Она што е евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење кое што произлегува од договорот со организаторите на приватниот превоз `Макекспрес` и `Слобода превоз` истите од крајот на 2017 година се до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во автобусите односно во приватните превозници кои што се членови на овие две здруженија. Иако пријавувале дека возеле околу 400 000 километри месечно и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар, средства кои што ги фактурирале во ЈСП „Скопје“. Во меѓувреме од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту еден продаден билет во автобус. Наједноставно, наплаќале билети тие пари не ги пријавувале и завршувале најверојатно во нечиј џеп, а потоа фактурирале по 400 000 евра од ЈСП секој месец и оваа очигледно добро разработена шема трае цели пет години. Последното добиена инфоирмација дека е продаден билет во овие приватни превозници е од крајот на 2017 година. Тие одбивале да доставуваат податоци за продадени билети туку и да ги фискализираат автобусите со тоа што сите средства кои што ги генерирале завршувале некаде меѓутоа никој не знае каде“,рече Арсовска на прес-конференцијата.

Градоначалничката претходно го појасни начинот на кој според склучените договори меѓу ЈСП и приватните превозници требало да се пресметуваат и да им се исплаќаат на приватните превозници, но, според, Арсовска тоа не било случај изминатите пет години.

Имено, како што објаснуваше градоначалничката ЈСП „Скопје“ склучува договори со приватните превозници во случајов тоа се здруженијата „Макекспрес“ и Слобода превоз“ кои што застапуваат приватни превозници. Врз основа на договорите ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро, а со зголемувањето на цените на горивата по  едно ипол евро по извозен километар. Оваа обврска, како што посочи Арсовска месечно чини 24 милиони денари. Согласно договорот приватните превозници имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка и да ги валидираат во интегрираниот систем на ЈСП „Скопје“.

„Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП им ја должи за секој изминат километар се одбива сумата која што ја наплатиле од продадените билети. Тоа значи дека доколклу денеска остварат одредена сума од продадени билети остатокот кој што треба да им се доплати им го надоместува Градот Скопје врз основа на тоа колку тие имаат пријавено дека генерирале приход во текот на еден месец, за секој ден поединечно“,објаснаше Арсовска.

Но, како што истакна таа, двете здрженија за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет, а во ЈСП ги пријавувале само изминатите километри или вкупно околу 400 000 километри месечно за што од ЈСП фактурирале соодветна сума на пари, односно по 400 000 евра месечно.

„Ние отпочнавме како што кажав со ревидирање на процесите, можеби не сите податоци се за во јавност во моментите кога се одвиваат овие ревизии, но бидејќи темата е многу актуелни и бара да се образложи, поднесоците што ќе ги поднесем до надлежните институции ќе се случат по генерирањето на финалниот ревизорски извештај“,рече градоначалничката на Скопје.

Арсовска изјави дека станува збор за сериозно затајување на данок кој не е платен во овиое изминати пет години.

Total
0
Shares
Поврзани објави