Воздухот е екстремно лош во Берово, Гостивар и Тетово, а многу лош во Струмица, Битола и Кичево – ИЈЗ издаде препораки

Поради зголемени концентрации на ПМ 2,5 честички, воздухот е категоризиран како екстремно лош (сиромашен) на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово, а многу лош во Ѓорче Петров.

Во категоријата „многу лош“ се класифицира и воздухот според мерните станици во Струмица, Битола 2 и Кичево, но таму поради зголемени концентрации на ПМ 10 честички.

Како лош, пак, поради зголемени ПМ 10 честички е во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп, а во иста категорија, но поради ПМ 2,5 честички е класифициран воздухот во Кочани и Гевгелија.

Ваквите податоци денеска ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) повикувајќи се на европскиот Индекс за квалитет на воздух на Европската агенција за животна средина, поради што издаде и препораки до граѓаните. Меѓу препораките се граѓаните да останат дома ако немаат потреба да излегуваат, да се носи маска, да не се отвораат прозорците, да се намали физичкиот напор на отворено, редовно примање на терапиите, да се избегнува престој на отворено, да се користи прочистувач на воздух итн.

Најчувствителните, велат од ИЈЗ, се следните категории: децата помлади од 5 години и постарите граѓани, особено оние над 65 години; бремените жени; лицата со хронички заболувања; пациентите со астма и ХОББ; дијабетичарите; луѓето кои работат на отворено, социјално загрозените категории и пушачите.

„Иако помладите лица и децата над 5 годишна возраст не спаѓаат во високоризичните групи на население, тоа не значи дека и нивното здравје не може да биде афектирано при краткотрајни изложености на високи концентрации на загадувачки материи“,нагласуваат од ИЈЗ.

Во продолжение ја објавуваме интегрално листата со препораки што денеска ја издаде ИЈЗ.

За градовите со „кстремно лош (сиромашен)“ индекс на квалитет на воздух:

  • Останете дома ако не треба да излегувате;
  • Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото;
  • Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност;
  • Бремените жени треба да останат дома;
  • Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност;
  • Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница;
  • Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација);
  • Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено. (ефектот е двоен, и како заштита од суспендираните (лебдечки) честички и од сезонските вируси на грип, настинки, вклучително и SARS-CoV);
  • Не ги отворајте прозорците во вашиот дом;
  • Користете прочистувач на воздух без јонизатор (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени).

За градовите со „лош“ индекс на квалитет на воздух:

  • Секој што чувствува непријатности како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото треба да размисли за намалување на активноста, особено на отворено;
  • Зајакнете го имунолошкиот систем. Консумирајте здрава храна со многу овошје и зеленчук;
  • Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако не се чувствувате добро и искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот;
  • Останете дома ако не треба да излегувате. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, и возрасните со проблеми со срцето, треба да ја намалат напорната физичка активност, особено на отворено, а особено ако искусат симптоми;
  • Бремените жени треба да останат во затворен простор;
  • Луѓето со астма може да откријат дека треба почесто да ги користат нивните инхалатори;
  • Постарите луѓе исто така треба да го намалат физичкиот напор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност;

За сите групи на население:

Имајте предвид дека доколку во вашиот дом се загревате на дрва или некое фосилно гориво, вашата изложеност ќе биде значително повисока заради веројатно влошениот квалитет на воздухот во затворената просторија во која престојувате;

Консумирајте храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамин Ц и Е, бета-каротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот;

Консултирајте се со вашиот лекар. Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако се чувствувате лошо или доколку почувствувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Јанева си заминува: Нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на СJO и Европските интеграции на мојата земја

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесе оставка и соопшти зошто тоа го прави. Во продолжение целото писмо до…