Во последното годишно обраќање Пендаровски повика на обединување и задржување на европскиот курс  

„Одржување стабилни меѓуетничи односи и продолжување на европската интеграција“ – овие два елемента шефот на државата ги истакна како клучни за земјата во наредната година која е и изборна. Во своето последно обраќање како претседател во овој мандат, Стево Пендаровски освен што ги истакна моментите кои ги одбележаа изминатите пет години од неговиот избор, ги нотираше и слабите точки кои со години го мачат општеството. Меѓу нив се и поделбите.

Во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник. Крајно време е да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата. Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате“, кажа Пендаровски.

Шефот на државата, во годишното обраќање, не го заобиколи ниту прашањето кое во изминатиот период ја преокупира јавноста – борбата против корупцијата и организираниот криминал. „Со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем. Причина за тоа е спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите“ – порача Пендаровски.

„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, рече Пендаровски.

По минатонеделниот неуспех на земјава на Самитот на ЕУ каде, поради неисполнувањето на условот уставни измени не беа отворени преговарачките кластери, претседателот повика на задржување на европскиот курс и завршување на обврските наведени во Преговарачката рамка.

„Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Евентуалното забавување, уште повеќе, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи. Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата. Во однос на уставните промени, идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност. Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија“, изјави Пендаровски.

За едните суштинско, за другите празно – на различен начин мнозинството и опозицијата гледаат на обраќањето на Пендаровски.

„Се согласуваме само со еден факт во обраќањето, а тоа е дека ова е негово последн обраќање во Собранието. Дали ако не биде избран за претседател ќе ја напушти Македонија, како што изјави во 2019 година, оставаме да биде негова лична одлука“, кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

„СДСМ го поздравува фактот што Пендаровски стои на ставот дека државата мора да опстои на европскиот пат“, рече пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

Пендаровски сè уште не донел конечна одлука дали ќе „трча“ за втор претседателски мандат. Засега неговиот став е дека шансите да се кандидира се поголеми отколку да не се кандидира. Партиските лидери се договорија првиот круг претседателски избори да се одржат на 24 април, а вториот круг, заедно со парламентарните, на 8 мај.

Total
0
Shares
Поврзани објави