Граѓаните кои ја користат струјата за луксуз ќе ја плаќаат поскапо, најави премиерот

Граѓаните кои струјата ја користат за основни потреби, нема да плаќаат поскапо од Нова година. Оние, пак, кои трошат повеќе, ќе добиваат повисоки фактури. Премиерот уверува дека за најголем дел од домаќинствата ќе важи старата цена. 

„Првиот и вториот блок опфаќаат над 90%, некаде до 98% од домаќинствата на државата. За нив ќе нема никаква промена во цената на електрична енергија како што и немаше бидејќи ценовен шок не дозволивме за граѓаните. Третиот и четвртиот блок се помал број домаќинства кои имаат поголема потрошувачка, а во четвртиот блок се домаќинства кои согласно своите приходи и можности загреваат поголеми простории, загреваат базени итн. Оние кои имаат можност да користат електрична енергија за полуксузни намени, тогаш ќе плаќаат повеќе“ – изјави Димитар Ковачевски.

Експертите веќе кажаа дека речиси сите што се греат на струја, во текот на зимскиот период, од вториот преминуваат во третиот блок, па следствено на ова, поскапувањето би удрило и врз џебот на оние кои избрале еколошки начин на загревање на домот, со клими, греалки или панелки.

Утре РКЕ треба да каже колку трошоци прикажале енергетските компании и колкаво поскапување на струјата бараат тие. По десетина дена регулаторна ќе ги соопшти тарифите за МЕМО, МЕПСО и Електродистрибуција, како три од петте параметри во формирањето на крајната цена. 

Во следниот период, ЕВН Хоме ќе ја пресмета и ќе ја соопшти крајната цена на електрична енергија. Математиката ќе ја прави по однапред утврдени влезни параметри. Зелено светло за пресметките и цената треба да даде регулаторна. Ако таа е нереална, има право да им ја врати на доработка.

Колкави ќе бидат сметките од 1 јануари, ќе биде познато крајот на овој месец.

Total
0
Shares
Поврзани објави