Груевски и Јанакиески на чекор да се спасат во „ТНТ“ – и одбраната и обвинителството побараа Апелација да пресуди застареност

Одбраната на сите обвинети во случајот „ТНТ“ на денешната јавна седница побара Апелацискиот суд Скопје да донесе одбивателна пресуда на првостепената поради апсолутна застареност на делото.

За уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски пред повеќе од 10 години, со првостепената пресуда на неколкугодишни затворски казни беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски во неговата Влада, Миле Јанакиески, бившиот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски и тогашната градежна инспекторка Елизабета Најдовска.

Сите се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластување по ставовите 3 и 5 од членот 353 на Кривичниот законик.

Сега со измените на Кривичниот законик, според одбраната настапила апсолутна застареност на делото.

Инаку, денешната јавна седница на скопска Апелација беше втора за период од околу шест месеци, на која се сослушуваа жалбите на одбраната и на претставникот на Обвинителството во врска со првостепената пресуда за случајот „ТНТ“.

За постапката пред Апелација по овој предмет на вчерашната прес-конференција на сопственикот на компанијата „ФИНЕ Скопје“ и бизнисмен Фијат Цаноски обвини за судски преседан во Апелација со закажувањето на втора јавна седница. Тој обвини дека се подготвува застареноста на предметот ТНТ, со што тој како сопственик на „Космос“ нема да може да ја наплати отштетата од околу 11 милиони евра, која со првостепената пресуда на Кривичен обвинетите треба солидарно да му ја надоместат.

 „Судијата известител и претседател на советот Ѓоко Ристов наместо да постапи согласно одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по предметот, тој закажува нова јавна седница за 06.11.2023 година, сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи, тогаш советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и ‘ФИНЕ’ засекогаш да остане без својата отштета од 11 милиони евра“,изјави Фијат Цаноски на вчерашната прес-конференција.

Судијата Ѓоко Ристов на почетокот на денешната седница се осврна на наводите на Цаноски, оценувајќи ги како навреди и клевети.

„Вчера беше одржана прес-конференција на која јас бев нападнат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и јавно беа изнесени јавни навреди и клевети“,рече Ристов.

За причините за свикувањето на втората јавна седница, тој условно кажано вината ја префрли на Основниот кривичен суд Скопје. Имено, пред да донесат одлука по првата јавна седница одржана 8 мај, при разгледувањето на обемниот материјал увиделе дека има грешка, односно неусогласеност меѓу затворската казна што на Миле Јанакиески му беше пресудена од сега покојниот судија Огнен Ставрев и онаа што е наведена во изготвената, односно напишаната пресуда, каде наместо три години затвор, било наведено дека ексминистерот е осуден на три години и шест месеци затвор. Неусогласеност имало и во делот на засметувањето на притворот во изречените казни.

Поради ова, на заседанието одржано на ден 11 јули 2023 година, членовите на судечкиот совет на Апелација одлучиле предметот со сите списи да ги вратат на првостепениот суд заради исправка на грешките.

На исправка на грешките, како што посочи Ристов, чекале два и пол месеци. Кривичниот суд на 1 септември донел формално решение за исправка, кое било експедирано до странките 10 дена подоцна.

Според Ристов, со решението за исправка била направена суштествена промена во предметот, поради што морал да закаже втора јавна седница на барање на странките.

Во меѓувреме се случиле измените на Кривичниот законик.

„По комплетирање на списите на предметот на ден 05.10.2023 година, истиот повторно е доставен до Апелациониот суд Скопје, по што на 06.10.2023 година е испратен на мислење по изјавените жалби на пресудата до Вишото јавно обвинителство Скопје, чиј предлог е примен во Судот на 12.10.2023 година, по што веднаш е закажана јавна седница за ден 06.11.2023 година, на барање на странките“,велат од Апелација, нагласувајќи дека досегашното постапување од страна на судечкиот совет е согласно одредбите од ЗКП.

Во и онака компликуваната ситуација со предметот, нов момент на денешната седница внесе и дел од одбраната и самиот Миле Јанакиески, кој рече дека под целосна морална и кривична одговорност тврди дека решението со исправката донесено од Кривичниот суд е фалсификат.

Тој повикувајќи се на одлуки на Судскиот совет, рече дека на двајца од поротниците кои постапувале по решението со исправката од 1 септември биле разрешени од функциите уште пред една година – едниот поради навршена возраст од 60 години, а другиот поради истек на мандатот.

Еден од адвокатите на Јанакиески, Анита Бегова, освен во однос на барањето за донесување пресуда за застареност на делото, се осврна и на вчерашната прес-конференција на Цаноски и во тој контекст постави две прашања, едно до судот, а другото до вишиот јавен обвинител Сашо Рајчев, кој ја застапува страната на Обвинителството.

„Бидејќи вчера сите бевме сведоци на една прес-конференција, дали денеска судиите под притисок ќе донесат пресуда спротивна на вашето убедување… До вишиот јавен обвинител дали ќе отвори постапка за попречување на правдата. Оваа пресуда не треба да биде укината и преиначена во ослободителна само поради измените на Кривичниот законик, туку и заради другите факти кои беа образложени од сите бранители“,рече Бегова.

Инаку, на јавната седница и вишиот јавен обвинител Рајчев рече дека судот во донесувањето на одлуката треба да се води од поблагиот закон, посочувајќи дека со измените на КЗ во целост делото се менува содржински во поглед на „злоупотребата на службената положба и овластување“, како и во поглед на пропишаните казни.

„Со овие измени пропишаните казни се драстично намалени и се декриминализира делото во поглед на јавните набавки (ставот 5 од членот 353, кој отпадна со измените на КЗ)“,рече тој.

Total
0
Shares
Поврзани објави